Заев: Наместо стоте чекори напред Македонија 7 години галопира назад

Лидерот на СДСМ Зоран Заев излезе со серија обвинувања и негативни оценки за 7те години владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Според Заев земјата бележи назадување во неколку клучни сфери како евроинтеграциите, економијата и демократските вредности.

„Денес, на почетокот на осмата година на владеењето на премиерот Груевски, Македонија се соочува со егзекутирана демократија, со економија доведена пред колапс, со нарушена социјална правда, а земјава никогаш не била подалеку од членство во Европската Унија. Наместо ветените 100 чекори напред, Македонија во овие седум години галопирачки назадува“, рече Заев на прес-конференција по повод годишнината од изгласувањето на владата на Никола Груевски во 2006та.

„Македонија е држава во која власта најбрутално, насилнички ги крши Уставот и законите. Земјава ја владее разулавена партиска структура која правните констатации и заклучоците на Комисијата за прекршивање на уставот и примена на сила при исфрлање на новинари и опозицони пратеници од собраниска сала ги споредува со тоалетна хартија. Власт која ужива во секојдневното силување на демократските основи на земјава.Во Македонија не постојат институции на системот. Тие се претворени во партиски испостави на вождот и на ВМРО ДПМНЕ“, обвини Заев и посочи дека целта на СДСМ е да ја направи македонија успешна земја.

27.08.2013 - 15:54

најчитано сега