Захариевски поднесе оставка, Спасе Ристевски ќе го води Пелистер против Скопје
Поразот од Силекс го вклучи алармот во битолски Пелистер, кој вторпат менува тренер од почетокот на сезоната. Срѓан Захариевски си поднесе оставка по третиот домашен пораз и по 12. коло Пелистер падна на деветтото место на табелата.
Никој не можеше да претпостави дека работите ќе се одвиваат така лошо за битолчани, бидејќи уште по пет минути поведоа со 1-0 со голот на Лукас. Но, во вториот дел Силекс направи пресврт и славеше со 1-2, а битолската публика веднаш побара одговорност за овој пораз.
Захариевски, кој дојде на местото на Шенсои пред почетокот на шампионатот, веднаш им ја соопшти одлуката на челниците на клупската управа, која утре ќе се произнесе на оваа тема. Се очекува екипата да му биде доверена на помошникот Спасе Ристевски, кој веројатно ќе ги води пелистерци в недела во Автокоманда против Скопје.
Младиот тренер заминува со скор од три победи, три нерешени средби и шест порази. Со 12 освоени бода, полош старт од сезоната од Пелистер има само Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа