По 35 години Македонија ќе добие нови и модерни возови
Денес, по цели 35 години, откога е купен последниот воз, на интернет-страницата на Европската банка за обнова и развој е објавен јавен повик за набавка на нови дизел-моторни и електро-моторни гарнитури за превоз на патници во железницата, истакна денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Ова, потенцираше Јанакиески на денешната прес-конференција, е уште еден чекор од реализирањето на стратегијата на Владата на Република Македонија за подобрување на состојбите во железниците, односно конкретно имплементирање на проектот за обнова на возниот парк во железничкиот превоз.
-Набавката на четири нови патнички гарнитури со дизел погон и две нови гарнитури со електричен погон претставува инвестиција во железницата од 25 милиони евра. Овие патнички гарнитури ќе бидат со вкупен капацитет од околу 1.200 патници (секоја по 200 патници) и истите ќе се користат на најфреквентните линии, и според анализите на „МЖ Транспорт“, со нив ќе се покријат 60% од линиите што директно значи поудобен и поквалитетен превоз за корисниците на железничкиот транспорт, рече Јанакиески.
Како што информираше министерот, патничките гарнитури кои ќе бидат набавени треба да ги исполнуваат највисоките европски стандарди за превоз на патници, како во поглед на техничките карактеристики, така и во поглед на задоволување на стандардите за квалитетен превоз на патниците. Истите ќе бидат целосно климатизирани, опремени со вакуум тоалети, енергетски ефикасни, ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди како и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност односно ќе бидат направени согласно техничките стандарди за интероперабилност на Европската Унија.
Со оглед на тоа дека се работи за двостепена процедура за набавка, понудувачите своите првични понуди треба да ги достават до 08.10.2013 година кога ќе започне евалуацијата на истите, по што квалификуваните компании од првиот степен своите финални понуди треба да ги поднесат на почетокот на декември оваа година. Се очекува во рок од 12 месеци од потпишувањето на договорот да пристигнат и првите гарнитури во Република Македонија, што значи дека истите може да ги очекуваме и во текот на 2014 година.
-Овој проект е уште еден доказ за реализацијата на стратегијата на Владата на Република Македонија која се однесува на заздравување на железничкиот сектор во земјава и негово максимално насочување кон задоволување на потребите на граѓаните за квалитетен, ефикасен и ефективен патнички превоз со модерни возови какви што и заслужуваат македонските граѓани, рече Јанакиески.
Министерот информираше дека покрај овој проект за набавка на нови возни средства во изминатиот период целосно беа репарирани 10 класични патнички вагони и две дизел моторни гарнитури. Со овој потег, рече тој, веќе е значително намалена потрошувачката на нафта, односно заштедата изнесува околу 20% што доведува до енергетски поефикасно одвивање на патничкиот превоз. Само за споредба, во однос на 2011 година, минатата година е направена заштеда од 1.000 тони нафта. Со новите возни средства, освен драстично подобрување на квалитетот и удобноста на превозот за патниците, се очекува уште поголема заштеда на средства кои сега се одвојуваат за одржување и експолатација на старите возни средства.