Комисијата за политички систем го прифати Законот за матичен број
Собраниската Комисија за политички систем на денешната седница без расправа го прифати Предлог законот за матичен број и го даде на натамошно второ чирање.
Заменик-министерот за внатрешни работи Заеми Ќамили истакна дека Законот има за цел да воспостави јасен систем во однос на структурата, определувањето, поништувањето и водењето на евиденција на матичниот број на граѓанинот на Република Македонија и на странецот од страна на Минстерството за внатрешни работи.
Предлог законот за матичен број, рече, прецизно ја определува структурата на матичниот број на граѓанинот на Република Македонија и на странецот. - Истотака, со Предлогот се прави јасна дистинкција помеѓу матичниот број на граѓанинот на Република Македонија и матичниот број на странецот. На овој начин, со прецизно дефинирање и разграничување на поимите, се создаваат услови за правилна практична примена на законските одредби, истакна заменик-министерот за внатрешни работи.
Со Предлогот на Законот за матичен број се пропишува и надлежниот државен орган за водење на евиденција на матичен број и истовремено се врши усогласување со прописите за заштита на личните податоци. Се врши и обид за прецизно утврдување на постапката за определување и поништување на матичен број што е во надлежност на Министерството за внатрешни работи.
Предложените законски решенија, рече Ќамили, се во функција на зголемена ефикасност при определувањето, поништувањето, евиденцијата и заштитата на личните податоци во врска со матичниот број на граѓанинот на Република Македонија и на странецот како за Министерството за внатрешни работи како надлежен државен орган, така и за граѓаните на Република Македонија и за странците.