Идните македонски доктори ќе се обучуваат во Јапонија

 

 Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Јапонската болница „Токуда“ од идната година ќе почнат заедничка наставна програма на англиски јазик. Студентите од Медицинскиот факултет ќе одат на пракса во „Токуда“, а ќе им предаваат еминентни бугарски професори вработени во болницата.

Ова е предвидено со договорот што денеска во Софија ќе го потпишат министерот за здравство Никола Тодоров и директорот на „Токуда“ Јавор Дренски.

- Програмата најпрво треба да се акредитира, процес што веројатно ќе трае четири до шест месеци, по што се очекува и нејзината конкретна имплементација, изјави Тодоров пред потпишувањето на документот.

Меѓу клучните цели од соработката со „Токуда“, додаде министерот, е оваа наставна програма да се прошири и на магистерските и на докторските студии.

- Особено е важно и сакаме што поскоро, од март 2014, да им овозможиме на нашите лекари да специјализираат во „Токуда“, напомена Тодоров.

„Токуда“ има преку 200 болници во Јапонија, а болницата во Софија е прва од отворените низ светот. Работи по највисоки стандарди, а лекува и згрижува луѓе од речиси целиот свет. Лекари од Македонија веќе се обучуваат тука, но со стартот на новата универзитетска програма соработката се подигнува на многу повисоко ниво.

26.08.2013 - 11:06

најчитано сега