Грчки медиуми: „Антиќ не утепа, Скопје ни врза шлаканица“

 

Националниот тим е поразен од Скопје во првиот пријателски натпревар пред европскиот шампионат во кошарка кој ќе се одржи во Словенија, пишуваат денеска сите  грчки медиуми анализирајќи го синоќешниот натпревар, jaвува дописникот на МИА од Атина.

Весникот „Та Неа“ пишува дека поразите во пријателските натпревари вообичаено повеќе се вреднуваат и се покорисни од победите. „Нашиот национален тим го доби првиот жолт картон од македонската репрезенатија и тоа треба да ни служи како водич за нашата репрезентација“, коментира весникот.

Под наслов „Меккејлеб ни го донесе првиот пораз“, „Газета.гр“ истакнува дека Бо Меккејлеб со 25 поени и создаде страшни проблеми на одбраната на „сино-белите“.

„Шлаканица од Скопје“ и пораз од 77 спроти 75, пишува порталот „онспортс.гр“.

Според „Елефтеротипија“, Антиќ му направил голема штета на грчкиот национален тим. „По пет последователни победи, кошаркарската репрезентација беше принудена од страна на Перо Антиќ да ја почувствува и другата страна на приказната“, пишува весникот. 

Под секој текст објавен во онлајн изданијата на медиумите, многубројни се и коментарите на читателите кои признаваат дека „секој пораз од Скопје, па дури и пријателски, ги исполнува со тага“.

„Антиќ не утепа, со среќа на турнирот деца...“, коментира еден навивач на грчката кошаркарска репрезентација.

најчитано сега