Три фирми сакаат да ја градат втората фонтана на скопскиот плоштад
Три фирми се пријавиле на огласот за изградба на фонтаната на скопскиот плоштад “Македонија“, која треба да никне меѓу Воинот на коњ и Камениот мост.
Како што информираат од Град Скопје, комисијата ќе ги разгледа понудите од прилепската "Крин кг ", "Урбан инвест" и АД "Пелагонија - Гостивар", а потоа ќе ги информираат учесниците за електронската аукција на која ќе треба да се избере најповолната понуда.
Фонтаната која ќе се гради на скопскиот плоштад е предвидено да има 128 прскалки. Таа ќе биде со должина и ширина од 15 метри. На плоштадот ќе се врати и коцката, па дел од постојните плочи ќе бидат зачувани, а останатите ќе се извадат и ќе се употребат на плоштадот кај црквата "Пресвета Богородица".
Засега е познато само дека две третини од парите потребни за реновирањето ќе ги обезбеди Владата, а останатите Градот Скопје.