Победникот од суперкупот нема да слави во Скопје- еве ја причината
Според информациите објавени на интернет страницата на скопскиот аеродром, први ќе пристигнат фудбалерите на Манчестер Јунајтед со лет од Манчестер со авиокомпанијата „Титан ервејс“ во 12:55 часот.
Четириесет минути после нив, односно во 13:35 часот треба да слета и авионот од Мадрид на авиокомпанијата „Ибериа ерлајнс“. Двата тима ќе бидат спроведени до хотелите во кои ќе престојуваат со силно полициско обезбедување, кое ќе биде покрај нив 24 часа додека се во Скопје.
Според досегашните информации кои излегоа во јавноста, тимот на Манчестер Јунајтед ќе престојува во хотелот „ТЦЦ Плаза“, а фудбалерите на Реал Мадрид во „Александар Палас“. Во попладневните часови по пристигнувањето, двата фудбалски тима ќе одржат одвоени прес-конференции и по еден тренинг. Први на „Телеком арената“ ќе тренираат фудбалерите на Манчестер Јунајтед од 17.30 часот, а фудбалерите на Реал Мадрид ќе одржат тренинг од 19.30 часот.
Судејќи според информациите објавени на интернет страницата на скопскиот аеродром, победникот на Суперкупот ќе нема време да ја прослави титулата во Скопје, бидејќи и двата тима ќе си заминат веднаш по натпреварот. Летот за Мадрид е закажан 15 минути по полноќ, додека за Манчестер ќе полетаа два авиона – едниот 30 минути по полноќ, а другиот во 1 часот наутро. МВР се уште не излегло со информација за режимот на движење во деновите на одржување на Суперкупот.
Се очекува таа информација да биде објавена деновиве, откако стручна работна група која е формирана за оваа намена ќе ги прецизира сите безбедносните детали. Она што веќе се знае е дека за целиот настан се ангажирани околу 2.000 полицајци, кои ќе се грижат за безбедноста на тимовите, навивачите и посетителите. Два дена пред натпреварот антитерористичките единици на МВР ќе го проверуваат целиот појас околу стадионот, поради што тие делови ќе бидат забранети за движење за цивили. Таму ќе можат да се движат само лица кои што имаат посебни пропусници од УЕФА.
На денот на одржувањето на натпреварот, односно во вторник, во поширокиот појас околу стадионот ќе може да стигнат само навивачите кои имаат обезбедено билети. За нив ќе бидат отворени девет влезови кон „Телеком арената“ на кои ќе има строги проверки на билетите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа