Младинскиот оркестар на ЕУ вечерва со концерт во МОБ
Младинскиот оркестар на Европската унија вечерва ќе одржи концерт во Македонската опера и балет.
Концертот го организира Дирекцијата за култура и уметност со поддршка ма Министерството за култура и од Делегацијата на ЕУ во Скопје. На сцената на МОБ ќе бидат 120 музичари на EUYO од сите 28 земји-членки на ЕУ, а концертот ќе го води Данецот Томас Сондергард, кој е главен диригент на Би-Би-Си Националниот оркестар на Велс.
Оркестарот ќе свири три класични дела: концертниот валцер „Покана за танц“ на Вебер, суитата од „Приказна од западната страна“ на Бернштајн и балетот бурлеска „Петрушка“ на Стравински, верзија од 1947.
- Членуваат во овој оркестар кога студираат и стануваат професионални музичари и тоа е значаен, транзициски период во нивниот живот. Кога гостуваме, за нас е важно да донесеме музичка совршеност и да ја презентираме Европската унија која е создадена за мир, а опиплива метафора за тоа се различните култури заедно на сцената, рече Маркус вчера на прес-конференција.
Инаку, младинскиот оркестар на ЕУ е најдинамичниот во светот, кој за околу 3.000 студенти бил мост за поврзување од музичките академии со професионалниот музички свет. Дипломците од EUYO ја продолжуваат својата кариера во водечки светски оркестри и имаат кариери како солисти, диригенти, композитори и наставници по музика.