Неверојатната животна приказна на Циндриќ: Работел на паркинг, денес е шампион
Хрватскиот портал „Јутарњи.хр“, открива интересна приказна за херојот на Вардар, Лука Циндриќ. Пред четири години, тој работел на паркинг, а денеска е на покривот на Европа, ја пренесе сторијата Спортмедиа.мк.
Репрезентативецот на Хрватска е роден во Огулин, првите чекори во ракометот ги има направено во Карловац, од каде на покана на Лино Червар дојде во Металург. Иако многумина не верувале во ова момче, пред се поради тоа што е премногу млад, сепак неговата упорност му донесе голем успех.
Циндриќ во Вардар дојде во 2015 година, а само по две сезони успеа да го подигне пехарот во Лигата на шампионите и да го реши дуелот со Барселона.
-Работеше на паркинг, потоа му се приклучи Борозан, но не можеше да работи бидејќи немаше дозвола. Играа заедно, за кратко време станаа страшен тандем, кој по четири години успеа да го освои златниот медал во Лигата на шампионите, објаснува Давор Златиќ.
Она што е доста интерeсно што Циндриќ имал предиспозиции за фудбалер, но тој сепак го одбрал ракометот. Причината поради која за кратко време успеал да стигне до Вардар и да напредува е неговата упорност.
-Секој тренинг беше 200 на час! Секогаш на глава. Многупати му викаме: Лука, немој баш секогаш да влегуваш’, но тој едноставно е таков. Во играта ’еден на еден’ секогаш беше доминантен, но тоа не беше неговиот адут. Циндриќ е опасен кога ќе му поставиш цел, задача и мислам дека Раул токму во таа смисла го извлече најдоброто од него. Често се гледаме кога доаѓа, зборуваме баш за тоа. Мислам дека во Келн тоа најдобро се виде, вели првиот тренер на Лука во Карловац, Дино Ѓанковиќ.
Инаку во мајсториите на Циндриќ скопската публика ќе ужива уште една сезона, тој на крајот на следната сезона заминува во Киелце, каде што оваа сезона заминува Дујшебаев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа