Карти за Реал-Манчестер од 700 евра - не наседнувајте на измами
Билети за УЕФА Суперкуп натпреварот во Скопје по цена од триста до седумстотини евра, ова се лажни on-line информации, официјално потврдија од европската фудбалска федерација за Сител ТВ.
На интернет кружат лажни портали кои продаваат влезници за Суперкуп натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед кој на 8 август ќе се игра во Скопје на Националната Арена. Цените за кои се нудат влезниците достигнуваат и до 700 евра, во зависнот од категоријата. Тоа се десетпати повисоки цени, со оглед на првичните најави од УЕФА дека картите ќе може да се набават за 15 до 40 евра.
Од европската фудбалска асоцијација велат дека тоа се лажни сајтови, бидејќи влезниците ќе можат да се купат единствено on-line преку нивната официјалната страна. Оттаму најавуваат дека интернет страната преку која ќе може да се аплицира за билетите, ќе биде во функција од средината на Јуни.
Македонските граѓани велат дека цените најавени од УЕФА се достапни за сите, и дека доколку добијат карти преку извлекувањето сигурно ќе одат да го гледаат натпреварот.
Официјалниот капацитетот на Арената Филип Втори изнесува 33 400 седишта, но истиот треба доправа да биде намален од УЕФА поради безбедносни причини.
Според досегашната пракса, навивачите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед веројатно ќе добијат по околу 5000 влезници. Еден дел од трибината ќе биде наменет за гостите на УЕФА, а останатите места ќе ги пополнат најсреќните љубители на фудбалот од Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа