Вардар против ПСЖ во дуел за европскиот ракометен трон

 

Во својот дебитантски настап на завршниот турнир од Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар попладне ќе имаат шанса на Македонија да и го донесат првиот трофеј европски шампион во машка конкуренција.

Противник на „црвено-црните“ ќе биде екипата на Пари Сен Жермен која исто така ниту еднаш во својата историја не освоила титула континентален шампион.

Вардар во полуфиналето на турнирот во Келн вчеравечер го победи осумкратниот европски првак Барселона со 26:25 во меч со драматична завршница, а слично беше и на првото полуфинале во кое францускиот првак го елиминира унгарскиот шампион Веспрем.

Тренерот на Вардар Раул Гонзалес за денешниот мече рече дека ривалот ќе влезе малку пооодморен, но дека неговите избраници се многу мотивирани.

– Имаме помалку време за одмор. Тие играа во првото полуфинале од 15 часот и ќе одморат повеќе, но ние имаме многу желби. Пласманот во финалето е голем успех за нас, ама ќе се обидеме да направиме уште еден фантастичен резултат. Играчите се многу мотивирани и тоа е нормално кога играш финале на Лига на шампиони, истакна Гонзалес.

Во својата 11. сезона во Лигата на шампионите Вардар на досегашните 17 натпревари оствари 13 победи и само една го дели од големиот трофеј.

Финалето во „Лансекс Арена“ во Келн меѓу Вардар и ПСЖ е закажано за 18 часот, а претходно, од 15 часот и 15 минути во дуелот за третото место се среќаваат Барселона и Веспрем.

 

 

 

04.06.2017 - 10:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега