Гачевски го продолжи договорот со Вардар до 2020 година
Филип Гачевски стави потпис на договорот со Вардар на уште три години. Нашиот голман ги прифати понудените услови од страна на клубот, и ја продолжи верноста кон „црвено-црниот“ дрес до 2020 година, објави македонскиот шампион на клупскиот сајт.
Гачевски дојде во Вардар во летниот преоден рок 2015 година, и досега бранеше на 41 официјален натпревар, од кои 37 се во првенството, еден во Супер-Купот и три во Купот на Македонија.
Голманот на шампионот истакна задоволство од новата соработка и се надева на поголеми успеси, особено во меѓународните настапи.
- Кога Вардар ми понуди да бидам дел од овој клуб и во следните три години, воопшто не се мислев. Ги прифатив условите кои што беа одлични за мене. Благодарност до сопственикот на клубот Сергеј Самсоненко, до целокупното раководство, стручниот штаб и соиграчите за новата соработка. Останувам во клубот во кој што имам можност да напредувам, во секоја сезона да се борам за титулата, и да играм во квалификациите во Лигата на шампионите, каде што играат најдобрите. Во Вардар се работи максимално професионално и тоа е она што ме радува. Од година во година клубот се повеќе се развива. Среќен сум што сум дел од Вардар и што ќе останам и во следниот период. Мојот сон е да направиме успех во Европа, во Лигата на шампионите, и да се радуваме сите, изјави Гачевски.
Во сезоната која штотуку заврши, Вардар ја освои титулата, а Гачевски беше голманот чија што мрежа најмалку се тресеше, а во 17 натпревари остана несовладан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа