Хаосот во Египет ги исплаши туристите - нема Македонци во крвавиот Каиро

 

Секој миг во Египет е се поопасно, смртта коси, во последниве два дена над 600 жртви и илјадници повредени. За денеска се најавени нови протести од страна на следбениците на соборениот претседател Мохамед Морси, а полицијата од власта добила дозвола да користи оружје во самоодбрана.

Според македонскиот амбасадор во Каиро, Миле Манолев, во египетската престолнина нема Македонци.

„Ниту еден македонски граѓанин не се јавил да побара помош во македонската амбасада во Каиро", изјавил за „Фактор", македонскиот амбасадор во Каиро. Тој објаснил дека ситуацијата во египетската метропола е потсмирена, но сепак е сеуште тензична.

Манолев вели дека македонската амбасада е отворена постојано за секој наш граѓанин кој има проблем, а е затекнат во Каиро.

„Немаме информација за наши граѓани кои се овде. А сите кои имаат било каков проблем може слободно да се јават во нашата амбасада. На нашата интернет страна ги има телефонските броеви и секој кој има било каков проблем слободно нека се јави", додаде Манолев.

Иако амбасадорот Манолев оценува дека туристичките места се безбедни,советува да се избегнува Египет како туристичка дестинација, или пак оние кои решиле да патуваат да ги обезбедат сите неопходни информации, пренесува Фактор.мк.

Од туристичките агенции истакнале дека поради тензичната ситуација во Египет воопшто не ни бил нуден како летна дестинација.

најчитано сега