Ристовски: За Македонија секогаш сум подготвен
Македонија на дуелите против Исланд на голот ќе има две нови имиња во однос на Мундијалот во Франција. Ќе дебитира Мартин Томовски, а повратник во составот е Борко Ристовски. Лино Червар не го вклучи во тимот за шампионатот, а Раул Гонзалез одново верува во него.
- Паузата која што ја имав за време на Светското првенство ми дојде добро за да се подготвам. Меѓутоа, јас сум секогаш тука за Македонија. Таа е дел од мене и секогаш сум подготвен за да настапам и да го дадам максимумот. Мојата мотивација секогаш била иста така што и сега ќе биде на истото ниво. Ќе продолжам да бранам исто како и досега и ќе го давам најдоброто што можам за да придонесам колку е можно повеќе - изјави Борко Ристовски.
Во однос на дуелите против Исланд, тој е сигурен дека следуваат тешки средби.
- Ни претстојат два дуели на кои мораме да одиме на триумф. Посакувам да биде така и во Скопје и во Исланд. Ова се важни натпревари и ние не сме во ситуација да најавуваме големи победи. Ќе биде најдобро кога би можеле минимално и тука и таму да ги совладаме бидејќи така ќе добиеме многу. Нема да биде добро ако тука ги совладаме со голема разлика, а потоа во Исланд не успееме да стигнеме до триумф - коментираше Ристовски
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа