ВМРО-ДПМНЕ: Има доволно средства за сите пациенти на инсулинска терапија

ВМРО-ДПМНЕ смета дека пратеничката на СДСМ Јагода Шахпаска наместо да собере храброст и да ја отфрли тиранската платформа се обидува со невистини да ја манипулира и заплашува јавноста.

- Ова е само уште еден неуспешен обид за дефокусирање од плановите на СДС за редефинирање на државата. Шахпаска тоа го прави неумесно и покажува дека СДС повторно покажува елементарно непознавање на финансиските процедури во Министерството за здравство, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференцијата на Шахпаска. 

Според ВМРО-ДПМНЕ не станува збор за кратење средствата за инсулинска терапија. Имајќи предвид дека буџетот за 2017 се планира уште во претходната година, проектиран е буџет за оваа година пред да се спроведе постапката за јавна набавка, а потоа буџетот се репрограмира врз основа на постигнатите цени на јавната набавка и роковите за доспевање на фактурите.

- Тоа е нормална и вообичаена процедура во финансиското работење на Министерството и воопшто не станува збор за кратење на средствата, туку за тековно репрограмирање на буџетот врз основа на финансиските импликации. Најважно е дека до крајот на годината има доволно средства за да се покријат потребите на сите пациенти на инсулинска терапија, стои во соопштението. 

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека овозможуваат 350 бесплатни ленти годишно за пациенти со дијабетес тип 2 на инсулинска терапија и 250 бесплатни ленти за 2 месеци кај лица со дијабетес тип 1. Обезбедени се нови 59 инсулински пумпи за деца со дијабетес, нови класи најсовремена антидијабетична терапија за пациентите со дијабетес тип 2, отворени се нови инсулински аптеки и за 20 отсто е зголемен бројот на специјалисти во центрите за дијабетес. 

 

 

 

12.04.2017 - 17:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега