Интервју на Груевски за „Вечерњи Лист“: Македонија нема да ја води влада составена во Тирана

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за хрватски „Вечерњи лист“, говори за катуелната политичка состојба во Македонија и останува дециден на ставот дека Македонија нема да прифати платформа од Тирана.

На прашањето зошто договорот на Заев со албанските партии се смета за државен удар тој вели: -  Тешко е да се одговори во неколку реченици бидејќи сè што е спорно за нас се случува во еден подолг период, во последниве две и пол години. Имам јасна потврда дека албанската платформа, која ги обедини СДСМ и албанските партии, е направена во Тирана. Албанските медиуми уште кон крајот на минатата година објавија дека официјална Тирана подготвува нацрт-документ за политичките партии на Албанците во Македонија. Тој документ, кој го составил албанскиот премиер Еди Рама, според оценките на медиумите во Албанија, ги обединува интересите на сите Албанци.

Како што веќе и кажавме, формирањето на новата влада во Скопје е од особен интерес за Тирана која ги „брани интересите на Албанците во Македонија“. Има ли некаде во регионот и пошироко случај во кој странски влади подготвуваат платформа која би била основа за формирање некоја идна влада во некоја друга земја? Значи, таков став имаат само во соседна Албанија, но и партиите на Албанците во Македонија, што за нас е неприфатливо, вели Груевски.

Доава дека Албанците, иако имаат само 20 мандати од 120 члена во парламентот, се во ситуација да одредат со кого ќе коалицираат и да изберат кој ќе биде на власт, а кој во опозиција. Овој пат се решија да застанат до СДСМ, кој ги изгуби изборите. Со тоа ја изиграа волјата на мнозинството од Македонците кои дадоа глас за формирање влада со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Околу ДУИ Груевски во интервјуто вели: 

- ДУИ не е наш традиционален сојузник, тоа е ДПА, но поради принципот „победник со победник“ влеговме во коалиција со ДУИ. Преговорите пропаднаа поради фактот што не изнајдовме заеднички јазик и не бевме подготвени да прифатиме сè што беше поставено на маса. Нашето начело беше дека сакаме да формираме влада, но не по секоја цена.

Ние немаме ништо против зголемување на правата на етничките заедници, вклучувајќи го и јазикот на Албанците во општините каде што се над 20 отсто. Но имавме сериозни забелешки во однос на елементите што Македонија би ја редефинирале од мултиетничка во бинационална држава, која би се претворила во конфедерација.

Предлозите што ги нудеа сериозно ги повредуваа и се косеа уставните одредби, поради што и не можевме да ги прифатиме. Уште од самиот почеток нашиот став беше дека немаме намера да преговараме според платформата од Тирана, што беше неприфатливо за ДУИ. Тоа што ние не го прифативме, бидејќи сметавме дека е опасно за Македонија, го прифати Зоран Заев. Поради тоа и луѓето излегоа на улица.

За одлуката на претседателот Иванов да не го даде мандатот, Груевски вели:

- Одлуката на претседателот Иванов е мудра, таа е во корист на македонскиот народ и не би смеела да доведе до подлабока криза. Тоа што гледаме дека ја турка земјата во криза е прифаќањето на платформата од Тирана, како основа за формирање на идната влада. Земјата влезе во криза поради договорот меѓу СДСМ и ДУИ, кои сакаат да ја редефинираат државата и да го поткопаат македонскиот идентитет.

На прашањето дали навистина како што велат Албанците, тој ја прифатил платормата, но не ја потпишал, вели дека Тврдењата дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифатила сите барања се целосно неточни. Ако е тоа точно, зошто тогаш ДУИ не коалицира со ВМРО?

Груевски во интервјуто додава и дека Македонија е една од ретките, ако не и единствена земја во Европа, во која припадниците на етничките заедници уживаат големи права. Тоа воедно е наше богатство. Не смееме да дозволиме да го изгубиме таквото богатство. Доава дека за ВМРО-ДПМНЕ евроатлантската ориентација останува главен избор.

За промената на името Груевски е јасен:

- Нема да прифатиме промена на Уставот направена со цел да се менува името на Македонија. Нема да прифатиме идеи и предлози кои би го загрозиле македонскиот национален идентитет, обележјето на македонскиот народ и нашиот јазик. Нема да дозволиме да биде прифатен каков било став од политичари поединци, влада или собрание, а без претходно за тоа по пат на референдум да се изјаснат македонските граѓани.

 

 

 

 

21.03.2017 - 09:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега