Сарачини: Македонија лидер во регионот во производство на алтернативна енергија (ФОТО)
Камен темелник за гасна термоелектроцентрала Електрошари беше поставен денеска во тетовското село Требош како најнова инвестиција на фабриката за јајца и производи од пилешко месо Везе шари и Лекер, во вредност од околу пет милиони евра. Термоелектроцентралата како погонско гориво ќе користи биогас и ќе биде со планирана моќност од 999 кило вати и производство од 7.950.000 киловат часови на годишно ниво.
Министерот за економија Ваљон Сараќини, кој заедно со министрите за транспорт и врски и за животна средина, Миле Јанакиески и Абдулаќим Адеми присуствуваа на свеченоста, потенцираше дека оваа прва ваква инвестиција во земјата е продолжување на заложбите на Министерството за економија кое обрнува посебно внимание на енргетскиот сектор.
- Со оваа инвестиција Македонија претставува еден вид лидер во оваа област во регонот бидејќи производството на алтернативна енергија е поттикнато со потпишување на договори за изградба на 70 мали хидроцентрали, како и почетокот на изградбата на сончевата централа Мери, која чини околу 40 милиони евра, рече Сараќини.
Министерот за транспорт и врски Јанакиески посочи дека Владата ќе продолжи да презема мерки за привлекување домашните и странските инвеститори.
- Владата сака и дава подршка на секоја иницијатива преку голем политики што ги носиме како Влада да стимулираме домашни и странски инвестиции. Заложбите на Владата и Министерството за транспоср и врски даваат резултати и токму заради тоа донесовме голем број законски измени, изјави Јанакиески.
Според министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми инвестицијата на Везе шари за гасна електроцентрала се совпаѓа со планот и стратегијата на државата што предвидува дека 23 отсто од потребите за енергија треба да се обезбедат од обновливи изворо што истовремено ќе придонесе и во намалувањето на емисијата на јаглерод моноксид во атмосферата.
Сопственикот Арбен Абдурамани истакна дека за реализација на овој проект неговата компанија работела повеќе години.
- Покрај домашни експерти, за сите анализи и тестови се консултирани германски експерти и инженери кои ни ја дадоа најдобрата формула за алтернативна електрична енергија со што ќе се даде придонес и за зачувување на околината. Со оваа инвестиција вредна околу 5 милиони евра од кокошкино ѓубриво и други отпадоци ќе се овозможи производство на 1 Мегават електрична енергија на час, рече Абдурамани.
Германскиот парнер на Абдурамани, Херман Семилер, рече дека во Германија има над 2.000 електроцентрали на био горива, но проектот за оваа инвестиција на Везе шари ја вбројува Електрошари во десетте најсовремено од својот вид во Европа.
За претседателот на ДУИ Али Ахмети денешниот настан се совпаѓа со 12 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и со тоа тие сакаат да покажат дека сега е дојдено времето на развојот на економијата и инвестициите.
- Покрај симпозиумите и другите активности што ги организираме по повод 12 години од Охридскиот рамковен договор, ние сакаме да дадеме и значење на инвеститорите и инвестициите, затоа што покрај правните и политичките промени ние се залагаме и за отворање нови работни места. На овој начин сакаме да испратиме порака и до домашните и странските инвеститори да ги разгледаат можностите за инвестиции во Македонија, рече Ахмети.
Новата гасна електроцентрала треба да биде готова до половината на следната година, велат од компанијата Везе Шари.