Антикорупциска опоменува четири лица за судир на интереси
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) констатирала судир на интереси кај Кирил Гајдов, Никола Георгиевски, Имран Жупани и Драган Димески поради повреда на членот 9 од Законот за спречување судир на интереси и поради извршување на две функции истовремено.
Комисијата побарала од овие лица во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на барањето, доброволно да се откажат од извршување на едната од двете функции кои истовремено ги извршуваат, но, откако не постапиле по барањето, е донесена одлука да им се изрече мерка јавна опомена.
Кирил Гајдов истовремено бил член на Советот на општина Велес, избран на локалните избори одржани 2013 година и управител во две трговски друштва „Киберг“ и „Номаг Фарм“ од Велес.
Советник во општина Центар истовремено и управител на трговското друштво „Минкоп“ ДООЕЛ од Скопје бил и Никола Георгиевски.
Жупани истовремено бил со функција член на Советот на општина Гостивар, избран на локалните избори одржани 2013 година, но и управител на „Приватната здравствена установа - ординација по општа стоматологија „Протект-дент“ Гостивар, што е спротивно на наведениот член од Законот.
Димески пак истовремено бил советник во општина Велес, но и член на Управниот одбор на АД „Македонска пошта“ Скопје.
ФОТО: Канал 5