Отворено писмо
СЈО јуришнички ја одигрува последната сцена од својата комедијантска улога во правниот систем на Република Македонија. Ставајќи се во улога на кловн во сценариото за конечно растурање на државата што во моментов се случува зад сцената, овој орган ќе остане забележан во македонската меморија како главен соизвршител и соучесник во монструозното погибије на Република Македонија.
Хајката што во моментов се прави против раководната структура, но и против голем дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ е класично одвлекување на вниманието на граѓаните од вистината за Република Македонија која е целосно распослана пред нас. Вистината, како што се уверивме во целиов изминат период, не е содржана во папките што Заев ни ги мафташе пред малите екрани. Вистината за Република Македонија е ова што ни се случува сега пред нашите очи, но и она што ни се случуваше изминатите три години.
Целата увертира, заплетот и расплетот на големото надворешно сценарио подготвувано повеќе години за комплетно уништување на државата, е всушност, вистината за државата. Во моментов се случува последната епизода од филмот со странска режија и локални глумци.
Компјутерски прецизната режија на странскиот филм за Република Македонија, сепак, доживеја едно големо режиско промашување. Утката се случи на 11.декември кога мнозинството Македонци рекоа изборно „НЕ“ на странската шема за раскрчмување на државата. Им рекоа „НЕ“ на локалните извршители кои како мазги беа впрегнати во неговото заокружување. Сценаристот навистина својски се потрудил да ги изрежира сите детали и елементи, сите делчиња од сложувалката, кого се треба да купи, кого се треба да изврбува за добивање изборни резултати кои ќе одат во полза на Заев, но како што обично бива кога сценаристот е странец и не го познава добро вистискиот локален менталитет, тој не успеал целосно прецизно да го изрежира делот поврзан со гласањето на Македонците, кои се виде дека не ги познава доволно добро.
Надворешниот сценарист го подготвуваше планот согласно карактерот и менталитетот на неговите локални слуги, но изуми да направи проценка и соодветна реакција што со оние Македонци кои не сакаат да бидат слуги и подлизурковци како нивните локални испостави. Токму во овој дел, сценариото доживеја и најголем крах поради што следуваше видливиот шок од изборните резултати уште на 11.декември. Шокот беше планирано да биде надминат, и да се изменаџира со пост-изборниот инжењеринг со прегласувањето во Теарце ама и со него ништо. Целиот систем од локални извршители кои му беа послани на странскиот сценарист за да се удоволат неговите потреби не ја постигна крајната цел. Заев не стана победник на изборите.
Токму затоа, сега пред очи ни се одвива нова изрежирана епизода која сценаристот дополнително ја снимаше од 11 декември наваму, а во која на помош му се стави и пост-изборната противуставна албанска платформа.
Иако во светската изборна теорија е познато дека мандатот на избраните претставници се врзува само за понудената изборна програма во текот на изборната кампања, ништо повеќе и ништо помалку од тоа, во новата епизода на сценаристот гледаме комплетно негирање на оваа изборна теорија преку повикување на нови пост-изборни елементи како основа за креирање вештачко пост-изборно мнозинство кое ќе треба да го заобиколи изборниот победник.
Иако познатата теорија на мандат е децидна и не дозволува креирање нови пост-изборни понуди кои не биле претставени пред граѓаните во текот на изборната кампања, секако со цел да не се девалвира крајниот резултат од изборниот процес, сценаристот со недозволени политички акробации тргна во погазување на нашата изборна волја со цел задоволување на своите апетити. Синхронизирано, на помош му пристигнаа и политичарите од соседството кои со целосно непримерни и недипломатски изјави де факто и де јуре се ставија во одбрана на странскиот сценарист за уништување на Република Македонија како унитарна држава. На помош стигнаа и изјави од неколку поранешни и сегашни влијателни личности во Обединетото кралство и во САД во кои најотворено и без никаков пардон, се кажуваат плановите за државата, плановите за нејзино распарчување.
На ваквите отворени анти-македонски изјави и прогнози нема никаква реакција ниту од Парламентарното собрание на Советот на Европа, организација која е основана да ја брани демократијата, владеењето на правото, и човековите права. Ниту збор во знак на одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет од страна на Генералното собрание на ООН, организација која е основана да ги штити интересите на своите полноправни членки како што е Република Македонија.
Со недоличното и безобразно однесување на дел од политичарите од соседните земји, со дрското вмешување на Еди Рама и Хашим Тачи во внатрешните работи на независна и суверена Република Македонија, безобразно се повредија основните принципи врз кои е заснована Повелбата на ООН, како и неколку декларации на ООН со кои е забрането директното мешање во внатрешните работи на државите од кој било надворешен фактор, личност или центар. Нема никаква реакција од меѓународната заедница за грубото прекршување на одредбите содржани во Виенската конвенција за дипломатски работи што е своевиден дипломатски Устав, од страна на неколку странски амбасадори во РМ.
И додека Заев и СДСМ упорно молчат за албанската платформа, СЈО го меша вмровскиот котел. Се повикуваат неколку стотини членови на оваа партија затоа што легално и согласно со закон донирале пари за изборната кампања на партијата во 2014 година. Изборниот законик дозволува донирање на пари од страна на физички лица за изборните потреби на партијата, исто како што и Законот за финансирање на политичките партии дозволува донации од физички и правни лица за тековното работење на партијата. Што има тука спорно и спротивно на законите?
Јасно е дека нема ништо спорно, и јасно е дека намената на овие сослушувања е од психолошки карактер. Сослушувањата имаат за цел да се влијае врз целото членство на ВМРО-ДПМНЕ, да се залепи етикета пред јавноста дека партијата правела нешто незаконско со цел демотивирање на членовите и поддржувачите на партијата, а во интерес да се откажат од партиската поддршка или во иднина да се дистанцираат од партиските активности. Целта е да се води класична псхолошка војна со членството која би резултирала со намалување на поддржувачите на политиките кои ги води г. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Целта е што е можно повеќе да се распарчи, да се подели единствената партија во РМ која ги брани националните и државните интереси на земјата. Целта е да се уништи последниот браник кој стои во одбрана на уставното име, кој стои во одбрана на македонската историја, традиција, идентитет.
Сценаристот знае дека со психолошки паднато и демотивирано ВМРО-ДПМНЕ, со демотивирано членство, со психолошки притиснато членство ќе може побрзо да ја реализира последната цел. Токму затоа СЈО го започна походот наречен „лов на вештерки“ кој треба да ја сотре во корен последната брана на македонизмот и на македонското.
Но, очигледно сценаристот е повторно јалнаш. Тој не ги земал предвид сите детали кои го прават Македонецот силен и непобедлив векови и векови наназад. И овој пат нема да му успее да не уништи. И овој пат ќе се врати поразен. Што и да ни смислиле, што и да ни прават, нема ништо да им успее. Вистинските Македонци се непобедливи бидејќи во срце го носат заветот на Гоце, на Дамјан, на Ченто, на Питу, на Петров, на многу многу други македонски херои. Непобедливи се затоа што во душа го чуваат заветот запишан во Уставот на ТМОРО.
Тие, драги мои Македонци, не знаат ништо за нас.
Тука лежи нашата сила, нашиот непокор, и нашата победа.
Да живее Република Македонија!
Тања Каракамишева - Универзитетски професор
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа