Повторно после 6 години: Надал и Федерер во финалето на Австралија Опен
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал триумфираше во полуфиналето на Австралија Опен откако со 3-2 во сетови (6:3; 5:7; 7:6 (7:5); 6:7 (4:7) и 6:4 во гемови) го совлада Бугаринот Григор Димитров. Со оваа победа тој се избори за финале против Рожер Федерер.
Надал го доби првиот сет, а Димитров изедначи откако беше поуспешен во вториот. Во следните два сета решаваше тај-брекот. Третиот сет му припадна на Надал, додека во четвртиот сет поуспешен беше Димитров. Во решавачкиот сет Димитров имаше две брејк топки при водство од 4:3 во гемови кои не ги искористи, а Надал откако изедначи на 4:4 го доби следниот гем на сервис на Димитров и поведе со 5:4 и потоа ја продолжи серијата со три последователно освоени гемови за конечен триумф во мечот, кој траеше 4 часа и 56 минути.
Димитров во мечот имаше 79 „винер поени“ наспроти 45 на Надал, но имаше и повеќе неизнудени грешки 70:43.
Ова ќе биде прво Грен слем финале меѓу Надал и Федерер по 2011 година и мечот на Ролан Гарос. Финалето се игра во недела.
Утре во женското финале ќе играат Серена Вилијамс против Венус Вилијамс. Во женски двојки денеска во финалето Бетани Матек-Сандс (САД) и Луси Сафарова ги победија Андреа Хлавачкова (Чешка) и Шуаи Пенг (Кина) со 2-1 во сетови (6:7 (4:7), 6:3 и 6:3).
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа