Тунискиот селектор откри што се случувало во последните моменти и порача: Македонците ни се пријатели!
Селекцијата на Тунис денеска одигра 28:28 со Словенија и не успеа да стигне до посакуваните два бода, што ќе значеа сигурен пласман на африканскиот тим во осминафиналето. И покрај водството од 28:23 на пет минути пред крајот, сепак тунижаните на крај не се радуваа, а Словенија на чудесен начин извлече реми.
Тунискиот селектор Хафед Зуаби по натпреварот откри што се случувало во претпоследниот напад кога Тунис брзо ја загуби топката и дозволи израмнување на спротивната страна со цепелин на Словенците.
– Барав бавен напад, а тој траеше 10 секунди. Потоа и противничкиот голман одбрани, а добивме и две минути исклучување. Не сум задоволен од тоа колку ракометарите ги почитуваа моите барања и сега треба да чекаме резултати од другите кои би можеле да одиграат за нас, потенцираше Зуаби мислејќи на нашата репрезентација, пренесува Дерби.мк.
Со денешниот нерешен резултат против Словенија, Тунис има два бода, но африканската репрезентација се уште има шанси за пласман во осминафиналето. За Тунис да продолжи понатаму, потребно е во последното коло да слави очекувана победа над Ангола, а Исланд да биде поразен од Македонија, со што Тунис со 4 бода би се нашол на четвртото место во групата.
Тунис може да продолжи понатаму и со евентуален нерешен резултат на Македонија и Исланд, по што во тој случај и Исланд и Тунис би имале по 4 бода, имаат меѓусебен нерешен резултат и клучна ќе биде севкупната гол разлика, која во моментов е на страната на Исланд , бидејќи островјаните веќе ја “наполнија“ Ангола. Во овој случај, со ист број на бодови со Исланд, Тунис во последното коло ќе треба да слави со над 17 голови разлика против Ангола, што не е невозможно.
Тунижаните не кријат дека сега ќе очекуваат помош од нашата репрезентација против Исланд. Она што ги охрабрува туниските репрезентативци е што и Македонија ќе има голем мотив да оди на позитивен резултат против Исланѓаните во борбата за третото место во групата.
На прашањето на „Дерби“ дали има порака до македонскиот тим, Зуаби не криеше дека очекува помош…
– Македонците ни се пријатели!
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа