Специјалисти од Скопје ќе вршат прегледи и во други градови - од септември стартува проектот "Дисперзирана клиника"
Министерството за здравство ќе започне да го спроведува проектот Дисперзирана клиника од почетокот на септември годинава. За ова денеска информираше министерот за здравство, Никола Тодоровски. Се работи за порект кој има за цел да обезбеди размена на искуства и истовремена едукација за воведување на нови методи и интервенции како и работа со новата медицинска опрема.
- Во рамките на овој проект ќе бидат ангажирани професори, односно доктори субспецијалисти и доктори специјалисти со 10 и над 10 години работен стаж, кои искажуваат интерес за работа во останатите градови. Ангажираните доктори ќе добиваат соодветен дневен надомест, а нивната работа ќе се вреднува согласно системот за плаќање по учинок. Исто така, ќе биде креиран термин за закажување преглед кај овие клинички доктори, согласно Мој термин. Пациентите ќе можат навремено да си закажат термин и да бидат прегледани од еминентни доктори од соодветната област од терциерно ниво, обелодени денеска министерот Тодоров.
- Проектот треба да биде континуиран и повеќегодишен, а се очекува неколку кратен бенефит. Граѓаните нема да мораат да патуваат за да ја добијат здравствената услуга на Клиничкиот центар во Скопје, а исто така ќе се обезбеди и сериозен трансфер на знаења, посочи Тодоров..
За овој проект сите заинтересирани лекари ќе можат да аплицираат до среда, а оние кои не се во состојба да аплицираат во предвиденот рок, можат да се обратат до Министерството за здравство.
Во проектот ќе бидат опфатени клиничките болници во Битола, Тетово и Штип, како и општите болници во Велес, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струга, Струмица и други. Специјалистите ќе присуствуваат најмногу два пати месечно во другите општини и ќе вршат прегледи од повеќе области, меѓу кои: анестезиологија и реанимација, ГАК, интерна медицина, инфектологија, максилофацијална хирургија, неврологија, неврохирургија, нуклеарна медицина, општа хирургија, ортопедија, оториноларингологија, офталмологија, патолошка анатомија, педијатрија, пнеумофтизиологија, радиодијагностика, радиотерапија и онкологија, ургентна медицина, урологија, физикална медицина и рехабилитација...
ФОТО: Академик