Роналдо и Раниери најдобри во фудбалот за 2016 година
Португалецот Кристијано Роналдо вечерва е прогласен за најдобар фудбалер за 2016 година, според изборот на ФИФА на вечерашната церемонија одржана во Цирих. Одличниот играч на Реал Мадрид не можеше да го крие задоволството, откако излезе како победник пред Гризман и Лионел Меси и изрази благодарност кон неговите колеги од тимот, стратегот Зидан, неговите најблиски пријатели и семејството…
-Не ми е првпат да добијам вакво признание. Сакам да се заблагодарам на сите соиграчи од Реал Мадрид и стратегот Зинедин Зидан, своето семејство, братот, мојата девојка и сите останати. За мене 2016 година беше најдобра во мојата кариера. Горд сум на ваквата награда и само ми е жал што играчите на Барселона не беа вечерва тука, истакна Роналдо.
Менаџерот на Лестер, Клаудио Раниери е избран за најдобар стратег во светот, после изненадувачкото освојување на титулата во Англија минатата сезона со „лисиците“. Тој доби најмногу гласови во конкуренција на Фернандо Сантош од Португалија и тренерот на „кралевите“, Зинедин Зидан.
За најдобра фудбалерка е избрана Американката Карл Лојд, добитник на наградата „Пушкаш“ е Мохд Фаиц Субри, а свое признание за извонредна кариера од ФИФА, доби и футсал-играчот Фалкао.
За фер плеј беше награден Атлетико Насионал, кој иницираше титулата од Судамерикана да биде доделена на Чапекоенсе, екипа во која животот го загубија најголемиот дел од играчите во авионска несреќа минатата година. Силвија Неид е избрана за најдобра менаџерка за 2016 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа