Агенцијата за млади и спорт ѝ додели 110.000 на РФМ во пресрет на СП во Франција
Во изминатите два месеци на сметката на Агенцијата за млади и спорт биле легнати средства кои што се резултат на 3 проценти на разликата помеѓу платениот и исплатениот износ во сите обложувалници во Република Македонија и разликата во 1,5 проценти од уплатениот и исплатениот износ во сите автомат-клубови на територијата на Република Македонија, а овие средства АМС денеска им ги додели на РФМ, со потпишувањето на заедничкиот договор.
-Очекуваме на годишно ниво по овој основ да имаме дополнителни финансиски средства кои што ќе значат стабилен извор на финансирање и поддршка на националните спортски федерации во висина помеѓу 80 и 100 милиони денари на годишна основа, што секако ќе значи поддршка и развој на Македонскиот врвен спорт, вели директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Тој вели и дека АМС реши финансиски да ја поддржи Ракометната федерација на Македонија за организација на квалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство до 21 година кој ќе се одржи оваа 2017 година во Алжир, а овој квалификациски турнир ќе се одржува од 4-8 јануари во Македонија. АМС ќе го финансира овој настан во висина од 600 илјади денари, а уште позначајно е тоа што Агенцијата за млади и спорт целосно ќе ги покрие трошоците за учество на сениорската машка ракометна репрезентација овој месец во Франција и тоа со средства во висина од 6 милиони денари.
Со потпишување на договорот за финансирање денеска првите средства од АМС ќе бидат поделени на Ракометната федерација на Македонија.
-Најпосле е добро што ќе добиеме една помош од АМС, а ние и досега добивавме некои средства, но морам да бидам искрен и да кажам дека над 90 проценти од средствата кои Ракометната федерација на Македонија ги обезбедуваше во текот на целата година беа од приватните спонзори кои се дел од управниот одбор на федерацијата. Со овој нов чекор кој се прави ние дефинитивно како федерација ќе можеме уште повеќе да бидеме вклучени во активностите не само врзани за А селекцијата, туку и за сите помлади категории, вели Живко Мукаетов, претседател на РФК.
Тој потенцираше и тоа дека како федерација годинава тие имаат сериозна програма врзана за она што го работат А селекциите во машка и женска конкуренција, а тука се и организацијата на квалификациските турнири,едниот во Скопје кој се одржува деновиве, а другиот во март годинава каде што женската ракометна репрезентација ќе се бори за пласман за ЕП во Словенија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа