Маса се премисли: Ќе вози за Вилијамс, Ботас се сели во Мерцедес
Според пишувањата на бразилските медиуми, Фелипе Маса ја прифати понудата на Вилијамс и ја стави во мирување својата одлука за заминување во пензија.
Бразилецот во редовите на Вилијамс би требало да го замени Валери Ботас, кој заминува во Мерцедес на местото на Нико Розберг.
Тимот на Мерцедес веднаш по повлекувањето на Розберг започна да бара замена, а изборот падна на 27-годишниот Ботас. Но, од тимот на Вилијамс не беа подготвени да го пуштат својот возач, додека не пронајдат соодветна замена.
– Ќе го пуштиме Ботас, во оној момент кога ќе најдеме некој искусен, како што е Маса – изјави Клара Вилијамс, една од водечките луѓе во тимот.
Фелипе Маса својот најголем успех го постигна со тимот на Ферари, кога во 2008 година заврши на второто место во генерален пласман, зад шампионот Луис Хамилтон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа