Сообраќајката кај Охрид го облече Прилеп во црно - роднините и вереницата се простија со саканиот Дарко
По страотната сообраќајка која се случи во неделата кај Охрид, вчера најблиските се поздравија со 28 годишниот Дарко Аризанкоски од Прилеп, младиот доктор кој наскоро требало да се венча со својата девојка, Мирјана Церевска од Тетово.
-Ден по несреќата што се случи на магистралниот пат од Охрид кон Кичево, во која и таа беше повредена, со срце скршено од болка, во шок и страдање Мирјана допатува во Прилеп, во домот на својот сакан, да се поздрави уште еднаш, да се поклони пред одарот. Но, немаше сила да ја следи погребната поворка до гробиштата Песјобрдце, каде што вчера напладне беа погребани посмртните останки на прекрасното момче, дружељубив и секогаш коректен другар, пријател, беспрекорен син, воспитан човек и одговорен лекар, кој специјализирал ортопедија и трауматологија, со намера да им помага на луѓето, пишува Утрински весник.
Родителите на Дарко, пренесува весникот, се скршени од болка и тага. Неговиот татко, Златомир Аризанкоски, актуелниот началник на Одделот на ортопедија и трауматологија во прилепската болница, немо ја следел погребната церемонија. Никој не останал рамнодушен и на страдањето на мајката на Дарко, Милица Аризанкоска, која е специјалист за животна средина, вработена во Центарот за јавно здравје. Сестрата и зетот на Дарко, како и неговите другари, исто така биле комплетно скршени од тешката загуба пренесува Утрински. За Дарко велат дека бил мирен, тивок и секогаш подготвен да им помогне на другарите.
Според Утрински, Дарко и неговата вереница Мирјана требало наскоро да се венчаат, а потоа да заминат во Германија, каде планирале да работат.
Страотната несреќа која ја потресе Македонија се случи во неделата, кога се судрија двете возила, „пежо 206“ управувано од Дарко, и џипот со американски регистарски таблички, зад чив волан беше друг кичевчанец.