Ангеловски: Имаме сила и желба да бидеме добри и на дуелот со Шпанија
Македонската фудбалска репрезентација на 12 ноември во Гранада го игра натпреварот против Шпанија од квалификациите за Светското првенство 2018 година. По одработените тренинзи во Скопје, селекторот Игор Ангеловски вели дека го радува добрата атмосфера и посветеноста на играчите.
- Радува тоа што играчите се посветени на тренинзите и без проблем ги одработуваат добиените задачи. Капитенот Пандев доби мала поштеда на вчерашниот тренинг, но со Горан сѐ е во ред, ќе биде подготвен за натпреварот. Како селектор на репрезентацијата морам да водам грижа за здравјето на фудбалерите и нивната натпреварувачка форма, без оглед за кого се работи. Противникот има континуитет, препознатлива игра, многу се агресивни и компактни. Реков дека треба да бидеме можеби на повисоко ниво во играта во однос на мечот со Италија, верувам дека имаме сила и желба да бидеме добри и на дуелот во Гранада, изјави Ангеловски.
Македонскиот селектор е задоволен од формата на неговите избраници кои ја прикажуваат во последниот период.
- Исто така, позитивно е што напаѓачите се ефикасни и даваат голови, тоа секако придонесува за нивната самодоверба. Фудбалерите се во добра ситуација, а до натпреварот ќе одлучиме за почетната постава, нагласи Ангеловски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа