Лајм: ДУИ не е добредојдена пред гробницата на борците на ОНА за 13. август
За жителите на кумановското село Липково, претсавниците на Али Ахмети не се добредојдени на свеченоста на 13 август пред гробницата на паднатите припадници на ОНА, пишува „Лајм“.
Според претседателот на месната заедница, Селајдин Шахини и поранешниот пратеник од Слупчане, доктор Фатмир Хасани, во поклонувањата на ДУИ пред гробницата на ОНА нема искреност, туку само обид за собирање политички поени.
- Доколку јас треба да одлучам - не би им дозволил да дојдат. Но сам не можам да ги запрам, па бидејќи селото не е единствено – нека дојдат. Јас нема да ги пречекам. Јас знам кога треба да го одбележам денот кога загина мојот син. Јас мојот син никогаш нема да го заборавам, додека сум жив. А тие, овие од ДУИ, тие доаѓаат само и единствено за политички маркетинг и за ништо друго. Едно време мислев дека имаат искрени намери, но испадна дека не е така - вели Селајдин Шахини, таткото на најмладиот загинат припадник на ОНА, кој го загуби животот на свои 13 години.
Шахини ја обвинува партијата на Ахмети за корупција, бидејќи, како што вели, земале мито за вработување. Според Шахини членовите на ДУИ стигнале до своите функции, благодарение на крвта на загинатите борци на ОНА.
- Али Ахмети можеби не може сите да ги контролира, но тие работи се случуваат. Тие не им помагаат на семејствата на паднатите борци. Сега е Рамазан и тие не покажуваат никакво внимание. Јас немам потреба за помош, но има премногу семејства кои имаат потреба. Затоа не разбирам зошто воопшто доаѓаат овде на 13 Август. Не имаат заборавено со години, а ваму доаѓаат единствно на тој ден. Па нема потреба, драг брате да ни доаѓаш еднаш годишно, вели претседателот на месната заедница, пренесува Лајм.
„Воениот лекар“, поранешниот пратеник Фатмир Хасани вели дека ДУИ не се добредојдени во Слупчане бидејќи немаат реализирано ниту едно ветување за ова село.
- Нема потреба да доаѓаат без првично да се изгради мемориалниот центар за паднатите борци, без да се регулира статусот на паднатите и на воените инвалиди. Денот кога треба да се слават паднатите е 5 мај, а не 13 август, бидејќи на тој датум се немаат реализирано барањата на ОНА. Ние војниците од Слупчане не го прифаќавме Рамковниот договор, бидејќи тој не беше решение за барањата на Албанците. А сега, сега тој договор го слават оние кои никогаш не се бореле, ниту пак испукале еден единствен куршум во воздух во 2001 година, вели екс пратеникот, пренесува Лајм.
05.08.2013 - 15:18