Арената „Филип Втори“ доби висока оцена пред Суперкупот
Делегација од Европската фудбалска унија (УЕФА) престојуваше во Скопје во „извидничка мисија“ на арената „Филип Втори“, каде што на 8 август 2017 година треба да се одигра Суперкупот на УЕФА, меѓу победниците во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), во сезоната 2016/2017.
Посетата на луѓето од УЕФА, втора од ваков вид, беше реализирана за време и по двата квалификациски меча на Македонија, со Израел и со Италија, за да видат како ние како Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ) и градот Скопје функционираме организациски на врвни натпревари.
-Оцената за тоа како сѐ функционираше, без лажна скромност, беше висока, со напомени што треба да се поправа во наредниот период. Во таа делегација од 42 луѓе имаше специјалисти од најразлични профили, од стручњаци за осветлување, за терен, влезови, контрола итн. - за Нова Македонија вели генералниот секретар на ФФМ и лидер на проектот, Филип Поповски.
Наредните месеци на арената ќе се работи на довршување на фасадата на северната и на поттрибинскиот простор на источната трибина.На северната трибина, меѓу вториот и третиот кат, постои простор од над 2.000 квадратни метри што ќе треба да се стави во функција. Таму се планира да бидат сместени ВИП-гостите и партнерите на УЕФА. Потребно е и да се прошират просториите и да се подобрат условите за работа на медиумите и за новинарите што ќе известуваат од мечот.
Натпреварот ќе се пренесува со 20 камери, со една главна, за која ќе треба да се обезбеди поголем простор на северната трибина, веднаш над ВИП-седиштата. Осветлувањето не е проблем, како и влезовите и пристапите кон арената, со тоа што некои детали ќе се решаваат непосредно пред мечот, во зависност од тоа од кои земји ќе доаѓаат екипите.
Следната посета на делегацијата на УЕФА би требало да биде во февруари, а потоа и во јуни 2017 година.
Арената „Филип Втори“ во Скопје (сега со капацитет од 33.460 места) е изградена во 1947 година, а комплетната реконструкција во неколку етапи беше завршена пред седум години. Тогаш на свеченото отворање, на 12 август, Македонија одигра пријателски натпревар со тогашниот европски првак Шпанија и загуби со 2-3. Во 2010 година на арената се одиграа пет натпревари во рамките на Европското првенство (ЕП) за жени (до 19 години). На арената натпреварите ги играат репрезентативните селекции на Македонија (А и до 21 година), како и скопските прволигаши, Вардар и Работнички.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа