Груевски: Ќе ја направиме лустрацијата и ќе бидеме уште посилни и ослободени од тежината

 

Премиерот Груевски во обраќањето се  осврна на прашањето за лустрацијата, прашање кое, подвлече, е на линија на слободата, правдата, правдината кои беа светли водилки на востанијата и борбите за државност. 

Лустрацијата, истакна, е процес кој е значаен за општеството и ја ужива поддршката од јавноста, и покрај сите обиди на некои структури да се спротивстават или да го оспорат.

Груевски потенцира дека комплетно е неточна и невистинита тезата дека наводно со лустрацијата се нарушувале принципите на асномска Македонија, што во последно време некои критичари кои се засегнати од овој закон и од процесот, затоа што на тој начин се нарушува нивниот абнормален комодитет и стекнати позиции, но најмногу поради знаењето на фактот дека со овој процес на лустрација кој ние како Влада го поддржуваме, посочи, се рушат политичките позиции на партиите кои овие дежурни критичари ги поддржуваат. 

Како може да се нарушат принципите на асномска Македонија, дециден е премиерот Груевски, кога луѓето кои ја создадоа асномска Македонија и кои денес ги славиме, како Методија Андонов Ченто, Панко Брашнаров, Владимир Полежина, Бане Андреев, Петре Пирузе Мајски и илјадници други беа малтретирани, затварани и шиканирани и испратени на Голи Оток и по затворите, токму од тој ист режим кого преку лустрацијата сакаме да го демаскираме?. 

- Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога сака да ги расветли темните вилаети од нашата историја во кои без суд, а само со кодошлак беа уништувани судбини, не беа објавувани книги, беа следени луѓе, беа бркани луѓе од работа? Како може лустрацијата да биде против асномска Македонија кога гледаме сите од досиејата дека кодошите и службите го претставувале како грев залагањето за македонски национални права, за македонска култура, за македонскиот јазик, за македонското национално прашање, а тоа се токму придобивките и постулатите кои ние денес на овој ден ги славиме и им се поклонуваме?  Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога кодошите ги кодошеле сите македонски национални дејци, автори, писатели, актери, режисери, општественици кои се залагале токму за принципите на асномска Македонија, наместо принципите за кои се залагале кодошите на кои подраго им било југословенството пред македонизмот, и кои сметале дека Трст е најбитен?, истакна Груевски.

Претседателот на Владата упати порака дека лустрацијата не е против асномска Македонија, туку дека е најголем сојузник на асномска Македонија.

- Јас сум сигурен дека да би можеле денес неа би ја поздравиле сите оние кои учествуваа на АСНОМ во 1944, како врвен израз на силата на општеството и базирана на правда и на вредностите, рече тој.

Евоцирајќи спомени од тоа жестоко време поминато на Голи Оток, Петре Пирузе Мајски, потсети Груевски, носејќи ја во градите таа незалечена рана, болно ќе се исповеда: Никогаш не сум можел да верувам дека оној за кој си готов да го дадеш својот живот, така сурово и без вина ќе те измачува и ќе стане твој џелат...А ете и повеќе од три децении да бидеш суштество без своја личност и тоа во земјата што со крвта си ја градел, ќе каже Мајски. Оваа реченица, според премиерот, ја искажува сета болка и јад што тогашниот режим му ја направил на еден од творците на асномска Македонија. Затоа, истакна, ние имаме обврска да ги осветлиме тие моменти и простор во кои тогашниот систем за кој се бореле творците на асномска Македонија се повампирил и од систем станал жесток режим кој ги јадел и своите деца. Токму тој режим, оцени, ги дезавуирал вистинските вредности на асномска Македонија и ние демаскирајќи го тој режим не ја напаѓаме, туку ја заштитуваме асномска Македонија и тие вредности.

Првиот претседател на АСНОМ Ченто, пак, подвлече Груевски, во една пригода ќе каже: Јас не жалам оти ќе умрам. Само ми е мака што немам време да напишам некои работи кои што историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, туку затоа што идните поколенија треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да знае кој и зошто гинел и кој што направил за неговата слобода.

- Ако тој крвнички режим го понижил, разболел и не му дозволил да остави свој пишан траг за нашата борба на првиот претседател на Републиката и творецот на асномска Македонија, денес ние не смееме да дозволиме некои структури да не дозволат демонтирање на тој режим и неговите последици и повторно некој да ги спречи идните поколенија да ја знаат вистината, како што не советувал и самиот Ченто пред 50 години, потенцира Груевски.

Со лустрацијата, истакна премиерот, се докажува дека ние имаме сила и развиено општество, и не се срамиме да ги истражиме тие темни авлии на режимот во минатото. Според него, тој процес е болен, но мора и ќе биде направен.

- Така ќе покажеме и докажеме дека ние имаме сила и имаме изградено институции во секоја сфера на општеството кои не зависат од никого, туку истрајуваат, а уште побитно ќе докажеме дека имаме силен темел кој не може да биде разрушен, рече претседателот на Владата.

Тој додаде дека ако може сите источно европски држави да ја направат, зошто не би можела и Македонија. - Ние не сме ништо понеконкурентни од овие држави кои ја направија, и затоа и Македонија ќе ја направи до крај лустрацијата и од тој процес ќе излезе уште посилна и поединствена, ослободена од тежина, истакна Груевски.

најчитано сега