Груевски во Крушево Иванов во Пелинце - еве каде и како ќе се прославуваат двата Илиндена
Утре, со големи народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот центар АСНОВ во кумановско Пелинце ќе се одбележат двата историски Илиндена - 110 години од Илинденското востание и 69 години од Првото заседание на АСНОМ.
На централното чествување во Крушево ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на Владата, Никола Груевски, кој е покровител на годинашната манифестација „Десет дена Крушевска Република“. Делегацијата ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што ќе се одржи голем народен собир.
Собирот ќе биде збогатен со настапот на ансаблот за фолклор „Танец“, а вечерта на плоштадот „Никола Мартиновски“ во Крушево ќе настапи Културно-уметничкото друштво „Наум Наумовски-Борче“.
На чествувањето во Крушево, како и секоја година, ќе учествуваат и коњаниците на традиционалниот Илинденски марш кои на 27 овој месец тргнаа од скопско Горно Лисиче кон Крушево.
Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ќе трае до 10 август и ќе биде заокружена на Гумење со церемонија на спуштање на бајракот и стрелба за хероите на Илинден и Крушевската Република.
Во Меморијалниот центар АСНОМ во кумановско Пелинце, каде што исто така утре ќе се одржи народен собир, ќе присуствува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Во Скопје, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ќе положи цвеќе и ќе има обраќање пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседателот на Президиумот на АСНОМ. Цвеќе ќе биде положено и пред спомениците на Никола Карев и на АСНОМ.
Од македонската Влада на прославата во Крушево ќе присуствуваат и министрите Никола Попоски и Фатмир Бесими, а во Пелинце владини претставници ќе бидат Владимир Пешевски и Сафет Незири. Во Скопје, владината делегација ќе ја сочинуваат Елизабета Канческа - Милевска и Талат Џафери.
За манифестациите во Пелинце и во Крушево, ќе биде организиран посебен и бесплатен автобуски превоз за кој граѓаните ќе бидат информирани преку медиумите.
Традиционално и годинава во битолското село Трново ќе се одржи 42. Светска македонска средба во организација на Матицата на иселениците, Светскиот македонски конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“.
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател... Слободната Република траела десет дена.
Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов Ченто.
Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
ФОТО: МИА