Аврамовска: Расте интересот за Вардаровите ракометни школи

 

Се повеќе девојчиња се решаваат да тренираат во школите на Ракометната академија на Вардар. Од година на година бројот на деца кои се вклучуваат во нашите школи расте. Една од школите е и ракометниот клуб Ново Лисиче – Вардар каде тренираат повеќе од 70-тина девојчиња. Тренерот Марија Аврамовска вели дека нашиот спортски бренд не само што привлекува нови дечиња, туку им нуди и многу поволности во тренирањето.

„Голема е предноста да се биде дел од Академијата на Вардар. Нашето школо постои 4 години, заедно сме со Анжела Платон, а во Ракометната академија се вклучивме со нејзиното основање , а еве сега ќе ни биде и трета година како учествуваме и во Јуниор Лигата на Вардар. Како што имаме успеси со мажите и жените од првиот тим така расте и интересот меѓу децата. Посебно откако сме со Вардар овие три години е се поголем интересот кај децата и секоја следна година имаме се повеќе деца.

Откако сме под закрилата на Вардар не’ опремија со реквизити, со топки, и на децата кои што не беа членови им дадоа опрема. Од опремата сме целосно задоволни и децата и ние тренерите. Се организираа и внатрешни семинари со тренерите од првите екипи, како Раул Гонзалез и со тренерите на голманите. Се вкупно, се е одлично организирано”, вели тренерот Аврамовска.

Натпреварите во Вардар Јуниор лигата, пак, децата ги чувствуваат како можност за понатамошен напредок во ракометот. Според Аврамовска стекнуваат искуство во натпревари, ја губат тремата, зајакнуваат, се гради нивната борбеност и тимскиот дух.

„Едноставно со Јуниор Лигата децата се чекор поблиску до Вардар. Многу дечиња сакаат да напредуваат, да влезат во селекции понатаму. И Лигата е можност да бидат видени од другите тренери, зашто за нив најголем предизвик им е да станат дел од семејството на Вардар. Ова им е како отскочна штица.

Годинава првпат во тимовите на Вардар влезе девојче од нашата школа Ивана Џатевска. Таа игра на позиција пикер, но во зависност од тоа како ќе работи, може да одигра и на бековска позиција. На овие возрасти децата се градат. Сега експериментираат на позиции, особено помалите, еден ден голман, другиот ден сака да игра на друга позиција, па на друга. Сега се пронаоѓаат”, вели Аврамовска.

Со учеството во Лигата, децата добиваат можност и бесплатно да ги следат натпреварите на првите тимови на Вардар и заедно со родителите да ги бодрат нашите тимови. Во новата сезона Јуниор лигата треба да се игра и во другите градови.

„Сега се радуваат децата дека ќе излезат и во други градови и ќе стекнат искуство и да играат како гости а не само како домаќини. Годинава во Лигата учествувавме со девојчињата од 2002/2003 и 2004/2005 годиште и со двете екипи освоивме 3 место. Задоволни сме како учество во првата година со надеж дека следнава година ќе имаме поголем интерес за лигата и подобро да се пласираме, па и да бидеме први. Сега им беше прво искуство. Пред лигата игравме пријателски натпревари, но сега имаат претстава како изгледа натпревар, возбуда трема натпреварувачки дух. Сега знаат како изгледа лига и следнава година ќе работиме на тоа што им фали”, дополнува тренерот Аврамовска.

Во ракометната школа тренираат девојчиња на возраст од 6 до 15 години возраст, односно најстарите се 2000/2001 генерација, но тренерот Аврамовска вели дека се препорачува децата да се запознаваат со ракометот и на помала возраст.

„ Сега оваа генерација од 2006/07 ќе игра во лига и уписот трае за генерацијата 2009/2010. Најчесто почнуваат од 6 години, но се препорачува и порано. Родителите често сметаат дека се мали, но се стартува со мини ракомет, кој е прилагоден за таа возраст. Децата се запознаваат со топката, и се е адаптирано на нивната возраст.

Школата Ново Лисиче – Вардар работи во спортски центар Ново Лисиче познат како Стадионче.

Тренерот Марија Аврамовска е достапна на следниве контакти:
Мобилен: 071 353 899
Е-маил: [email protected]
Е-маил: [email protected]

 
 
27.07.2016 - 10:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега