Пирс: Кризата во Грција го отежнува спорот за името со Македонија
Новоименуваниот американски амбасадор во Грција, Дејвид Пирс, во сведочењето пред Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат, изјави дека економската криза во Грција ја отежнува можноста за решавање на спорот за името со Македонија.
- Економијата во Грција е во многу тешка состојба. Многу е тешко политички за било која Влада да се справи со состојба во која економијата се намалила за 24 проценти. Грците направија напредок и важно е да работиме со нив да им помогнеме да поминат низ овој, за нив, многу тежок период. Спорот за името трае над 20 години, и е многу тешко прашање. Се надеваме дека амбасадорот Метју Нимиц ќе може да направи напредок. Ги поддржуваме неговите напори и се надеваме дека ќе се најде решение кое би било взаемно прифатливо за двете страни и тоа би било добро за регионална стабилност и интеграциите во евро-атланските институции. Улогата на САД е да биде присутна, ангажирана, да набљудува, рапортира и да им даде можност на одговорните во Вашингтон да ги имаат информациите кои им се потребни, изјави предложениот амбасадор Пирс.
Пирс, кој служел во Авганистан, Пакистан и како амбасадор во Алжир, малку подетално се задржа на можностите на решавање на спорот со Кипар, слично како и кандидатката за заменик државен секретар за Европа Викторија Нуланд, која сведочеше пред две недели. Според Пирс, има подобрување на односите меѓу Грција и Турција, и очекување преговорите за Кипар да продолжат во текот на октомври. Грција и кипарските Грци се под засилен притисок да го решат спорот со Турција и кипарските Турци, по откривањето на резерви на природен гас во Средоземното Море.
ФОТО: Дневник