Еве кој ќе ја забавува вечерва публиката на "Охридско лето"
Светски познатиот гудачки квартет „Бонд“ од Британија вечерва ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид во рамки на годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“.
Четирите девојки ќе изведат нумери од сите нивни албуми, а една ќе биде отсвирена специјално за македонската публика. Станува збор за композицијата „Александар Велики“ од нивниот прв албум. Нумерата е на предлог на нивниот продуцент, чија сопруга е Македонка по потекло.
Девојките од гудачкиот квартет вчера во Скопје беа пречекани од министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска и од министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Составот го сочинуваат Таниа Дејвис (виолина), Иос Чатер (виолина), Елспет Хенсон (виола) и Геј-Ји Вастерхоф (виолончело). Образованието го стекнале на најпризнатите музички институции во светот, а нивното музицирање е извореден чин на пркосење на стиловите. Се сметаат за најпродаван гудачки квартет на сите времиња. Од првото деби, групата има продадено неверојатни пет милиони албуми низ целиот свет. Црпат инспирација од класичните, латинските, фолк, џез, рок, елетро, индиските и стиловите од Средниот Исток.
ФОТО: Кирилица