Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација поднесе оставка
Селекторот на македонската одбојкарска селекција, Жарко Ристоски денес поднесе оставка. Тој во обраќањето до Одбојкарската федерација на Македонија, Агенцијата за млади и спорт и до медиумите ги соопшти причините за ваквиот чекор.
- Оваа одлука ја донесов пред почетокот на годинешната Европска Лига, а за истата го известив и Претседателот на ОФМ Петар Јовановски на состанок одржан уште пред подготовките. Со оглед што оваа есен не очекуваат квалификации за Европско првенство, сметам дека е вистинско време за повлекување на ваков потег, за надлежните да имаат време да изнајдат соодветно решение, а и репрезентативците да се прилагодат на тоа, вели Ристоски.
Во текот на изминатите три години, функцијата селектор на македонската одбојкарска репрезентација ја извршував без писмен договор и финансиски надоместок, сепак ми претставуваше голема чест и огромно задоволство да ги бранам боите на нашата држава и да ја предводам репрезентацијата до учество на три Фајнал фор турнири од Европската Лига, каде што двапати едноподруго сме вицешампиони, додава Ристоски.
Се осврна и на предизвиците со кои се соочуваат одбојкарите кои настапуваат во националниот дрес.
- Како што добро знаете, во овие три години иако соочени со многубројни проблеми и на кадровски, и на организациски план, со голем ентузијазам, желба и мотивација успеавме да ги пребродиме сите проблеми и да оствариме резултати за почит, со кои верувам дека придонесовме за подобро расположение на сите македонски граѓани во изминатите три лета. За тоа најмногу се заслужни одбојкарите, кои во манир на големи спортисти во доменот на своите можности, максимално се вложија во споменатите резултати. Покажаа и докажаа дека кога се игра со срце, со посветеност и со вистинска стратегија понекогаш може да се постигнат резултати и над објективните можности. А нам тоа ни се случуваше во континуитет, сите изминати три години.
На крајот во своето обраќање Ристовски изразува голема благодарност до претседателот на ОФМ Петар Јовановски, како и до членовите на Извршниот Одбор Ивица Хаџи Иљовски и Љупчо Крстевски, до репрезентативците, медиумите и до членовите на своето семејство, за поддршката и укажаната доверба во текот на работењето со македонската репрезентација.
-Мојата дваесет и петгодишна репрезентативна активност како играч а сега и како селектор засега завршува тука, но тоа не значи дека засекогаш се повлекувам од репрезентацијата, Напротив ,како и за секој спортист и лојален граѓанин таа за мене претставува нешто свето и секогаш сум подготвен да помогнам доколку можам, со сите свои потенцијали. Искрено се надевам дека тоа ќе се случи во некои подобри времиња, со услови и третман на одбојкарите како што реално ги заслужуваат. Убеден сум дека со таков приод, наскоро може да ја видиме одбојкарската репрезентација на Македонија на едно големо натпреварување од рангот на Европско или Светско првенство, нагласува Ристовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа