Папуџиева: Имаме огромен интерес за Јуниор лигата и Академијата од цела Македонија

 

Грижата за младите категории е приоритет за секој клуб кој посакува што повеќе млади да се занимаваат со спорт. Во Вардар веќе трета година функционира ракометната академија, а втора ќе биде постоењето на Вардар јуниор лигата каде учествуваат дечиња од целата Македонија. Проектот кој обедини над 1200 дечиња во академијата, и околу 600 во јуниор лигата ќе продолжи и в година.

Марија Папуџиева е новиот координатор на Ракометната академија и Вардар јуниор лигата. Поранешната ракометарка и репрезентативка на Македонија сега е со нова мисија, да учествува во едуцирањето на што поголем број на деца кои треба подготвени да го дочекаат преминот во младинските категории.

Вардар ТВ направи прилог со Папуџиева, токму на тема Ракометна Академија и Вардар јуниор лигата.

Вардар ТВ: Сега се подготвувате, а од есен ќе започне Вардар јуниор лигата и Академијата со активностите. А се почна пред две години? 

Марија: Пред две години почнавме со Ракометната Академија на Вардар, а со Вардар јуниор лигата една година, што значи сега ќе биде втора сезона. Многу сме задоволни од досегашниот тек на лигата, односно нас ни е важно децата да бидат задоволни. Продолжуваме со тој проект и се надеваме дека годинава ќе бидеме уште подобри.

Вардар ТВ: Децата покажаа дека се импресионирани од она што досега го направивте. Какви се нивните реакции за целиот овој проект по завршување на Вардар јуниор лигата? 

Марија: Едноставно, пресреќни и презадоволни. Импресиите се одлични , односно со самото тоа што имаат можност да напредуваат и да бидат дел од пионерските тимови, кадетски или било која друга екипа на Вардар.

Вардар ТВ: Овој проект на Вардар јуниор лига и Ракометната Академија на Вардар е огромен проект и доста работевте да се подготви целиот проектот. Колку вие од првата година сте задоволни? 

Марија: Од првата година на функционирањето сме презадоволни и затоа и нашите очекувања се поголеми за годинава. Заинтересираност има. Изненадена сум што и екипи од внатрешноста на Македонија, односно, од Прилеп, Ресен, Битола се заинтересирани да бидат дел од оваа Вардар Јуниор лига. И веќе бројката начелно ја знаеме за оние што се од другите градови.

Вардар ТВ: Тоа е многу интересно, Значи не се вклучени само од Скопје, туку и од регионални единици надвор од Скопје? 

Марија: Имаме екипи од Прилеп, Ресен, Делчево, Виница, Кичево. И сум многу среќна што на пример децата од Делчево, Виница и од Прилеп работат со неверојатно одличен стручен кадар и видовме дека на финалните натпревари повеќето деца што се прогласени за најдобар играч, стрелец се токму од таму.

Вардар ТВ: Колку очекувате дечиња во следната сезона? 

Марија: Отприлика да биде исто, околу 500 деца во Вардар јуниор лигата. Со тоа што генерацијата 98/99 година веќе нема да постои. Тоа се големи дечиња што не може да напредуваат повеќе од тоа што напредувале досега, но секако можат да останат во клубовите и да тренираат понатаму. Почнуваме од 2000 годиште до 2010 и очекуваме да бројката биде иста, околу 500 деца.

Вардар ТВ: Комплициран проект, но целосно се давате за да биде организиран како што треба. Колку време ви одзема? 

Марија: Време одзема многу зашто подготовките за да се направи Вардар јуниор лига, односно Академијата на Вардар да постои и да функционира како и досега треба професионализам и голема одговорност. Досега натпреварите ги игравме во спортскиот центар „Јане Сандански”, но желба ни е да играме натпревари и надвор од Скопје, односно, во Прилеп, Ресен, Кавадарци, Демир Капија каде имаме и нови членови на Вардар јуниор лигата. Па да можат сите деца да почувствуваат различна сала, различна атмосфера.

Вардар ТВ:Вардар јуниор лигата нуди пакет за секое дете. Од што се состои пакетот? 

Марија: Пакетот нуди опрема Хумел, натпревари во текот на целата година. Искуството се стекнува со тие натпревари низ лигата. Исто така и турнир што се одржува во јануари за време на зимскиот распуст. Децата присуствуваат на сите натпревари на сите натпревари во Лигата на шампионите на жените, СЕХА лигата на мажите, и националното првенство на машки и женски. И секако дружба со нашите ракометари, ракометарки и нашите докажани тренери Раул Гонзалес, Индира Кастратовиќ, Дејвид Камара, Симе Симовски, Стојан Петрушевски..

Целото интервју на Папуџиева за Вардар ТВ можете да го видите во продолжение.

 
 
12.07.2016 - 09:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега