Ќе се гради нов град на 20 минути од Скопје

 

Градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев, за „Нова Македонија“ открива дека на рутата на новиот автопат Скопје – Штип, кој наскоро ќе почне да се гради, веќе има локација за нов модерен град на површина од 406 хектари. Во проектот во кој е вклучена и Владата се планира елитна населба на 600 метри надморска висина, во шума, која ќе биде на 20-минутна оддалеченост од Скопје и ќе биде магнет за многу скопјани да живеат во еколошка и чиста средина

Со најавата на новата модерна сообраќајница Скопје – Штип преку Свети Николе на комплетно нова траса, преку Миладиновци, може да се реализираат две дамнешни желби на урбанистите. Скопје да добие алтернативна „спална соба“, сателит-град, модерна урбана населба на дваесетина минути оддалечена од главниот град, која ќе нуди мирен семеен живот во уреден простор, а во исто време цела источна Македонија да се поврзе со главниот град.

Тасев открива дека покрај Свети Николе ќе никне нова урбана населба, атрактивна за оние што сега живеат, работат или секој ден патуваат до главниот град.

- Патот ќе биде многу добар поттик за сите бизнисмени да дојдат. Почнавме и со изработка на нов генерален урбанистички план на градот, а ги менуваме и многуте детални урбанистички планови – набројува Тасеви вели дека рутата на автопатот веќе има локација за нов модерен град на површина од 406 хектари, проект во кој, вели, е вклучена и Владата.

Во овие рамки се планира да се почне со изградба на современа населба, на идеални 550-600 метри надморска висина, во шума, до делот на атарот на селото Малино.

- Тука планираме да правиме една елитна населба, која е еднакво оддалечена и од Свети Николе и од Скопје. Плански локации за винарници со типски и плански објекти и инфраструктура. Почнавме со подготовки да направиме 3Д-анимација, со сите елементи и веруваме дека тоа ќе биде магнет за многу скопјани, во една еколошка и чиста средина. Оттука луѓето за 20 минути ќе се најдат во главниот град, а ќе живеат во една еколошки чиста и мирна природа – истакнува Тасев, кој вели и дека близу Свети Николе ќе биде и идниот карго-аеродром, па треба да се размислува и за локации за центри за пакување и за преработувачки центри околу него.

27.07.2013 - 00:01

најчитано сега