Кои се американските кошаркари кои ќе играат за Македонија во Кина?

 

На 12 јуни комбиниран состав, од седум млади македонски кошаркари и четири aмерикански играчи, потенцијални кандидати за добивање на македонски пасош, патува на кошаркарски турнир во НР Кина, како дел од соработката меѓу кошаркарските федерации на двете земји. На турнирот, кој ќе трае до 24 јуни, ќе учествуваат уште седум екипи – домаќинот Кина, САД, Литванија, Јапонија, Иран, Белорусија и Нов Зеланд.

По неможноста во Кина да играме со најсилниот состав, поради повреди и заморот на стандардните репрезентативци, на силниот турнир ќе патува комбиниран тим.

Одењето за Кина е од голема важност за Федерацијата, кошаркарите и Стручниот Штаб, и претставува идеална можност за порано од предвидените активности да се одиграат натпревари против квалитетни и силни репрезентации. По одржаната средба со поголем дел од сениорските репрезентативци, на која дел од нив се пожалија на повреди кои нема да бидат санирани до почетокот на турнејата во Кина, и заморот кај голем дел од нив поради напорната сезона, во Кина ќе заминат 7 потенцијални и млади репрезентативци ( Младеновски, Мекиќ, Сапунџиев, Стаиќ, Пајиќ, Главчев и Дујковиќ). Тимот ќе биде засилен и со четворицата Американци, Хавиер Тимс, Џефри Њубери, Дарел Хауард и Џовани Де Вудс, кои се во комбинација за добивање на македонски пасош и искусниот Ратко Варда, кој ќе биде од голема помош на селекторот во работата со нашите млади центри, на кои им фали искуство. Варда самиот се понуди на селекторот и Федерацијата да помогне пред се во тренажниот процес со високите кошаркари, и да го пополни бројот на четири високи играчи во екипата.

Со настапот на оваа комбинирана екипа ќе биде исполнета почетната цел на селекторот Драган Раца, да се даде поголема минутажа и шанса на младите кошаркари за докажување ( кои имаа скромна минутажа во своите екипи во домашното првенство), и се надеваме дека дел од нив ќе ги искористат силните натпревари и ќе се наметнат за место во А тимот во следниот Квалификациски циклус.

Соработката со Кинеската Кошаркарска Федерација е од големо значење за МКФ, особено поради фактот дека во 2019 година Кина ќе биде домаќин на Светското Првенство во кошарка, а во следните години голем број на активности ќе бидат спроведени, со цел промовирање на истото.

 
 
10.06.2016 - 13:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега