Брашното ќе може да биде во промет само ако има контролна маркичка

Брашното ќе може да се става во промет само ако има контролна маркичка, со него ќе може да тргува исклучиво оператор регистриран за таа дејност, а количините што ќе се увезат ќе мора да се сместат во магацини со соодветни услови за чување и да се испитаат во овластени лаборатории за квалитет, содржина на влага, пепел,...предвидуваат измените на законот за квалитет на земјоделските производи што денеска беше поддржан од собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.

- Целта на измените е долгорочно регулирање на пазарот со брашно. Тие не се носат за уредување на пазарот само оваа година, туку напротив, од нив се очекуваат долгорочни ефекти, рече ресорниот заменик министер Зоран Коњановски,

СДСМ ги поддржа измените со забелешка дека мерките за заштита на домашниот пазар предоцна се носат. Сличен беше ставот и на претседателката на Комисијата Ленче Николовска. Таа воедно укажа и на потребата од воведување зелена нафта.

- Неопходно е дологорочно решение за поголемо производство на пченица. Досегашните мерки за субвенционирање не се доволни. За поголемо производство, земјоделците пред сеидба треба да добиваат регрес за семе, заштитни средвста, ѓубрива, рече Николовска.

Заменик министерот реплицираше, потсетувајќи дека Владата одамна подвлече црта и ја утврди насоката кон која ќе се движи земјоделството.

- Комплетно ја сменивме сликата за земјоделството во Македонија од 2006 година досега со доделувањето на субвенциите и повеќето други индиректни типови поддршка за производство на храна. Сакаме поголем принос и во тој правец ги креираме мерките. Набавка на земјоделска механизација, помош за купување сертифицирано семе се само некои од мерките за подобрување на состојбата, рече Коњановски.

Не треба, додаде, да им се верува на луѓето кои имале можност, а не направиле ништо за земјоделството, туку на оние кои нешто ветиле и навистина сториле.

ФОТО: Нетпрес

 

најчитано сега