Пратениците со полни раце работа - донесени неколку закони
Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 66. седница донесе неколку законски решенија предложени од Владата и усвои неколку ратификации, а го именуваше и Љуљзим Имери за член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Пратениците го поддржаа донесувањето на измените на Законот за управување со конфискуван имот, на Законот за издавање на обврзници за денационализација и на измените на Законот за државна статистика.
Во второ читање беше проследен Предлог-законот за претворање на побарувањата на државата по основ на даноци во траен влог во јавното претпријатие „Македонски шуми“. Со него, како што појасни заменик - министерот за финансии Ардиан Џеладини, ќе се овозможи непречено функционирање на јавното претпријатие кое во последните години покажува позитивни резултати.
Според Ивон Величковски од Либералната партија, нема основа по која државата треба вештачки да спасува претпријатие кое штити јавен интерес. Македонски шуми како јавно претпријатие, смета Величковски, треба да има еднаков статус на пазарот како и останатите компании.
- Заостанатите долгови направени во минатото се толку големи што нема шанса претпријатието да се доведе во рамноправна положба на пазарот. Ако старите долгови се претворат во траен долг, претпријатието ќе работи успешно и ќе ги сервисира своите обврски, истакна Илија Китановски.
Во второ читање беа проследени и измените на Законот за јавни набавки со кои се предвидува воведување на профил на економски оператор во електронскиот систем на јавни набавки, а новина е и задолжителното прикачување на тендерската документација во електронска форма без плаќање.
Поддршка во прво читање доби и Предлогот на закон за индустриски зелени зони со кој на општините ќе им се овозможи да привлекуваат домашни и странски инвеститори. Обврска на општината ќе биде да формира јавно претпријатие кое ќе управува со овие зони, а новина во законот е тоа што ќе им биде оставена можност на општините преку донесување на законски акти да им даваат дополнителни привилегии на инвеститорите. Во овие зони ќе може да инвестираат домашни и странски компании.
Во претпладевниот дел од седницата пратениците ги прифатија и измените на Законот за оружје и на Законот за производство и промет на вооружување и воена опрема и ги проследија во натамошно, второ читање.
Собранието го разгледа и предлогот на Народниот правобранител за избор на негови заменици во Скопје, Штип, Куманово, Тетово, Битола, Кичево и Струмица. Гласањето по оваа точка, согласно Деловникот за работа на Собранието, ќе се изврши по 15 часот. За заменик народен правобранител за Скопје е предложена Васка Бајрамовска-Мустафа, за Штип е предложена Елена Ѓорѓоноска - Маневска, за Куманово - Насер Весељи, за Тетово - Ирина Стојановска, за Битола - Васил Јовановски, за Струмица - Славчо Тимов и за Кичево е предложен Даут Селеми.