Денеска генерален штрајк во Грција
Денеска во Грција се одржува генерален штрајк, во пресрет на утрешното гласање во Парламентот по пакетот-закони за ревизија на државниот сектор.
Кон денешниот штрајк ќе се приклучат и вработени во железницата, како и во атинскиот приградски железнички сообраќај и делумно во метро превозот.
До среда ќе бидат затворени канцелариите на градоначалниците, а во најголемите градови ќе бидат одржани демонстрации, кои ги организираат водечките синдикати во државниот и приватниот сектор АДЕДИ И ГСЕЕ.
ПОЕ-ОТА изутринава ќе одржи протестен митинг на плоштадот Караискаки, а сите општински служби, освен социјалните, нема да работа.
Пакетот-закони беше одобрен кон крајот на минатата недела од парламентарната Комисија за економски прашања со гласовите на двете партии од владејачката коалиција - конзервативната Нова демократија и социјалистичката ПАСОК. Демократската левица (ДИМАР), која ја напушти коалицијата минатиот месец гласаше „против“. Грција доби тримесечно одложување од тројката меѓународни кредитори (Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд) за ставањето на 12.500 вработени во буџетскиот сектор во т.н. „шема на мобилност“, што значи дека тие имаат рок од осум месеци за да пронајдат нова работа или ќе бидат отпуштени. Грција овие кратења требаше да ги спроведе до јуни.
ФОТО: Алфа