СДСМ: „Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам” - таква е политиката на сегашната власт
Повод за денешната прес конференција е најмалку скандалозното именување на директор на пошта во Куманово.
Власта повторно демонстрира двојни аршини за сопствените граѓани: еден за членовите на владејачката гарнитура, друг за сите што не се со ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за лицето Миодраг Јовановиќ, поранешен градоначалник на Старо Нагоричане, кој на македонската јавност ѝ стана познат во април минатата година. Тогаш Јовановиќ со службен автомобил го прегази триесетгодишниот Срѓан Лазаревиќ и побегна од местото на настанот, при тоа неукажувајќи му помош на Лазаревиќ, кој неколку дена подоцна им подлегна на повредите.
Со ова не само што му дозволуваат на Јовановиќ да избега од својата одговорност, туку истиот со новата функција - директор на пошта во Куманово, го наградуваат за неговата послушност и лојалност кон партијата.
Почитувани граѓани, после седум години владеење станува повеќе од јасно дека власта во оваа држава се води и владее по онаа народната „не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам”.
Почитувани колеги од ВМРО-ДПМНЕ, ве повикуваме да престанете постојано да го прашувате СДСМ за сè и сешто. Најискрено ви препорачуваме одвреме навреме да си ги поставите себеси истите прашања. Верувајте, кај себе ќе најдете одговор на многу од дилемите што ве мачат.
Интегрален текст од прес-конференција на СДСМ.