Коце Трајановски смисли решение за метежот на „Партизанска“

 

Екипите на Град Скопје деновиве работат на кратење на пешачките острови на крстосницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и булеварот „8.Септември“.

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски, денеска изврши увид во градежните работи на оваа крстосница.

- Во рамките на деветтиот циклус посети на сите 10 скопски општини, граѓаните во општината Карпош посочија на метежот што се создава на оваа крстосница и на неможноста да се користат сите три ленти од булеварот „Партизански одреди“, во насока од Карпош кон центарот на градот. За да се реши овој проблем со кој граѓаните секојдневно се соочуваат, екипите на Градот Скопје почнаа со кратење на два пешачки островa, при што тие ќе се скратат за по 3 метри, рече Трајановски.

Тој посочи дека со овој градежен зафат, ќе се овозможи ослободување на третата коловозна лента во насока кон центарот на градот и поголема проточност на возилата по сите три коловозни ленти на булеварот Партизански одреди.

- Кратењето на сообраќајните острови ќе придонесе пропустната моќ на оваа крстосница да се зголеми за 50 проценти, а со тоа ќе се намали сообраќајниот метеж и позитивно ќе влијаеме врз животната средина. Ваков зафат ќе направиме и на другата страна на оваа раскрсница, истакна Трајановски.

Кратењето на пешачките острови ќе го изведат екипите на ЈП „Улици и патишта“, а за овој градежен зафат Градот Скопје ќе одвои 600.000 денари.

ФОТО: Дневник

најчитано сега