Евростат: Грција брои повеќе невработени млади лица отколку Македонија
Грција ја претекна Република Македонија на црната листа според процентот на невработени млади лица, објави денеска Евростат.
Како што пренесува дописникот на МИА од Брисел, кај нашиот јужен сосед живеат еден милион и 76 илјади млади лица, од кои во 2012 година дури 55,3 проценти од нив се невработени. Според најновата листа на Евростат, Грција е лидер во Европа по бројот на лица што се на возраст од 15 до 24 години, а немаат работа, додека втора е нашата земја со 53,9 проценти невработени од вкупно 304 илјади младинци во Македонија.
На пат да ја претекне македонската држава по бројот на невработени млади лица е Шпанија, која е трета на оваа листа со 53,2 проценти лица од оваа популација што брои 4,5 милиони во земјата, додека по неа следува најновата членка на Европската унија, Хрватска, со 43 проценти невработени од вкупно 520-те илјади младинци во оваа земја.
Покрај Македонија, од земји што се уште не се членки на ЕУ, Евростат ги има опфатено уште и Норвешка, Исланд, Швајцарија и Турција, при што во две од овие земји има процентуално многу низок стандард на невработени младинци, па така во Швајцарија само 8,4 отсто од 930.000 млади лица се без работа, а во Норвешка има 8,6 невработени од 655 илјади млади лица.
ФОТО:Фактор