Лефков: Штаб на СДС во куќа на судија, ете толку беше независно судството со минатата власт
На денешната панел дискусија на темата „Реформи во судството, чекор кон ЕУ“ присуствуваше пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков кој дискутираше за актуелните теми деновиве, за недовербата во правосудството, непрофесионалното извршување на функциите од страна на судиите и јавните обвинители и бројните злоупотреби од нивни страна.
Лефков објасни во врска со изјавите дека штаб на СДС бил сместен во куќата на судијката Алексовска Стојановска, и потенцираше дека судиите коишто се дрзнуваат да кокетираат со политиката се оние коишто ги поткупуваат човековите права во државата.
„Оние судии кои коишто се дрзнуваат така да кокетираат со политиката како што видовме примерот со судијката, се оние коишто ги поткупуваат човековите права во државата и коишто го поткупуваат реформскиот пат на Македонија и токму заради тоа ги обелоденуваме таквите случаи. Иако имавме безброј повикувања овде од говорница да излезат, да се охрабрат и да кажат дали политичката партија ја финансира судијата со тоа што и плаќа закуп или од друга страна пак судијката преку своето семејство се појавува како донатор на таа политичка партија, не добивме одговор. Затоа Судскиот совет треба да биде чувар на интегритетот на судиите, наместо чувари тие се луѓе коишто со тек на годините сведочеа фрапантен пад во довербата во судството кој што дојде на 2%“, рече Лефков.
Лефков истакна дека не станува збор за притисок доколку се бараат реформи и почитување на законите.
„Не станува збор за притисок кога се бара да се почитуваат законите, не е форма на притисок кога вие сакате да направите реформи, затоа што во сите извештаи на ЕК е нотирана таа нефункционалност на Судскиот совет и оваа судска мафија“, дециден е Лефков.
Пратеникот посочи дека треба да се преземат мерки и чекори со цел намалување на криминалот и корупцијата кои се длабоко вкоренети во судството.
„Станува збор многу сложен сет на мерки којшто треба да биде преземен, самата Европска мисија формираше една оценска мисија којашто даде 50 препораки а 17 од нив можеа да бидат имплементирани без законски измени, меѓутоа сето она што го гледаме деновите, имавме јавната расправа за законите коишто се однесуваат на безбедноста на сообраќајот, имаме одредени јавни расправи или дебати, она што можеме да го заклучиме е дека во Македонија немаме вооедначена судска пракса, односно кога зборуваме за оние казни со коишто запретува Кривичниот законик понекогаш можеби се добро одредени, меѓутоа од друга страна го имате јавниот обвинител којшто ќе се договори со оној којшто земал поткуп и за тоа ќе добие условна казна, ни недостасува вооедначена судска пракса, јавност на судските пресуди и нивна споредливост, понатаму тргање на политиката од правосудството, треба да престане принципот во којшто оние коишто се блиску помеѓу себе ќе најдат начин да ги одложат судските процеси, да имаат неразумно долго судење“, објасни Лефков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа