Чешката полиција заплени рекордно количество марихуана и метамфетамини

 

Чешката полиција, минатата година, конфискувала рекордни 563 килограми марихуана и речиси 32 килограми метамфетамини, јави дописникот на МИА од Прага.

Според, годишниот извештај на Националната централа за борба против дрогата (НПЦ) се уште расте бројот на внатрешни нелегални насади на канабис и производство на метамфетамини, особено во пограничните области на земјата.

Полицијата, лани, открила 199 плантажи со марихуана и конфискувала над 90.000 растенија.

Предвиденото годишно производство на овие плантажи е околу седум тони наркотички средства и според полицијата целата дрога била наменета за домашниот пазар иако се произведува и за црните пазари во соседните земји, Украина, Унгарија и Велика Британија.

Според полициски извори, производството на конопот во Чешка е добро организирано и најчесто е водено од виетнамски групи.

- Во производството и трговијата на метамфетамини се уште масовно се вклучени организирани криминални групи со потекло, главно од Виетнам и од Западен Балкан, се вели во Извештајот на НПЦ. Покрај тоа, постојано се зголемува и бројот на нови дроги и полицијата предупредува дека не се познати нивните фармаколошки и токсиколошки влијанија.

ФОТО: Охридњуз

најчитано сега