Исполнето уште едно ветување: Асфалтирана улица во Шишево
Екипи на „Улици и патишта“, по налог на Град Скопје извршија реконструкција на главната улица која поминува низ Шишево, во општина Сарај. За таа цел денеска градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директорот на јавното претпријатие „Улици и патишта“ Синиша Ивановски го посетија Шишево.
- На барање на жителите на ова населено место, целосно е асфалтирана главната улица која минува низ Шишево, со вкупна должина од 1.650 метри и просечна ширина од 4,3 метри, со што вкупната асфалтирана површина изнесува околу 7.000 метри квадратни, рече Трајановски и додаде дека Град Скопје одвои 8 милиони денари.
Во близината на Шишево, како што рече, се изврши санација на коритото на реката Треска бидејќи изминатиов период реката се излеваше од коритото и правеше штета, за што беа издвоени дополнителни 2 милиони денари.
Градоначалникот Трајановски истакна дека имаат одлична соработка со општина Сарај и со градоначалникот Беким Мурати. Трајановски за 2016 година најави дека се предвидуваат повеќе проекти, како целосна реконструкција на главната улица што поминува низ Сарај, реконструкција на главната улица во Глумово, како и повеќе проекти за подобрување на водоснабдувањето на повеќе населени места.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа