Беџети во Загреб: Македонија ќе продолжи да се залага во борбата против корупцијата

 

Денеска министерот за правда Блерим Беџети имаше свое обраќање на Регионалната конференција за антикорупциска иницијатива на земјите на Југоисточна Европа, што се одржува во Загреб, Република Хрватска.

- Република Македонија секогаш се залагала и ќе продолжи да се залага за што поголема регионална соработка на полето на борбата со корупцијата и организираниот криминал од едноставна причина што овие феномени ги надминуваат границите на нашите држави и многу често добиваат регионална димензија, рече Беџети и додаде дека тоа само по себе бара од државите и тие здружено да дејствуваат за да се постигне саканиот ефект и да се зададе силен удар на корупцијата и организираниот криминал во регионот на ЈИЕ.

Работата на Регионална Антикорупциска иницијатива (РАИ) во  Република Македонија, како што истакна министерот, пред се препознава и е присутна преку четири најзначајни сфери на делување.

- Најпрво  како симбол за работата на РАИ се редовните летни школи за млади правосудни професионалци од Југоисточна Европа. Република Македонија преку Академијата за обука на судии и обвинители, секогаш има позитивен пристап кон идејата за создавање на традиционална платформа за размена на искуства и знаења помеѓу младите професионалци од правосудната област, истакна министерот за правда. 

Втората област која Република Македонија ја детектира како значајна за регионалната антикорупциска рамка е мрежата на експерти за интегритет. 

Беџети посочи дека Република Македонија преку Државната комисија за спречување на корупцијата го даде својот придонес во развојот на мрежата на експерти за интегритет.

Третата област која за Македонија претставува значајна регионална алатка за справување со проблемот на корупцијата, како што нагласи министерот, е формирањето на регионалната мрежа за правосудни обуки  и четвртата област од работењето на РАИ за која Република Македонија смета дека е од особено значење за регионалната антикорупциска политика е областа на конфискација на имот и имотна корист, област која во сите земји од југоисточна Европа доживеа особен развој во изминативе неколку години.

- Во Република Македонија функционира Агенцијата за управување со одземен имот и истата е отворена за соработка со сите слични агенции од регионот, истакна  Беџети.

Министерот во своето обраќање посочи дека Република Македонија останува посветена на борбата против корупцијата преку интегриран регионален пристап и својата заложба недвосмислено ја покажа и преку почитување на финансиските обврски кон РАИ и преку поддршка на сите активности на секретаријатот.

- Во иднина очекуваме уште поголема инволвираност на Република Македонија во регионалните антикорупциски текови како и повратен ефект од работењето на РАИ преку ангажирање на професионалци и од Република Македонија кои несомнено ќе можат да одговорат на предизвиците што борбата против регионалната корупција ги носи со себе, рече Беџети.

Во врска со потпишувањето на Протоколот како еден од главните механизми за промоција на регионалниот аспект на борбата со корупцијата, министерот Беџети изрази надеж дека и по стапувањето на сила на Протоколот ќе  се продолжи со уште посилно темпо во борбата против корупцијата и на национална и на регионална основа.

ФОТО. Денешен

најчитано сега