Алексовска: Во предлог- буџетот на Градот предвидени се проекти за сите 10 општини на Скопје
Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа и одлучува за Предлог-Буџетот на Град Скопје за 2016 година, истакна Слободанка Алексовска, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.
Во продолжение следува интегрален текст од изјавата за медиуми.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Предлог-Буџетот на Град Скопје за 2016 година е буџет кој ќе одговори на барањата и потребите на граѓаните на Скопје.
СТАНУВА ЗБОР ЗА РАЗВОЕН БУЏЕТ, буџет со голем број на капитални проекти и инвестиции кои значително ќе го подобрат животот на жителите на град Скопје. Дека тоа е така, говори и фактот дека за капитални расходи се предвидени 3.190.380.000 денари или 46,3 проценти од вкупниот предлог-буџет на Град Скопје за 2016 година.
ВО НЕГО СЕ ОПФАТЕНИ ПРОЕКТИ ВО СИТЕ ОБЛАСТИ КОИ СЕ ВО НАДЛЕЖНОСТИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ. Со него се предвидени реконструкција и изградба на улици и булевари, изградба и реконструкција на велосипедски патеки, изградба и реконструкција на водоводната, атмосферската и фекалната мрежа, каде за реализација на овие проекти се предвидени околу 2,5 милијарди денари.
Средства се предвиднени и за образованието, преку поддршка на проекти за развој на образованието и реконструкција на објектите на средните училишта, ќе се реализираат и голем број на проекти и манифестации од областа на културата, ќе се реконструираат културните институции, ќе бидат поддржани голем број на спортски манифестации и турнири, проекти ќе се поддржат од областа на социјалната заштита, екологијата, поддршка е предвидена и за разните организации и здруженијата на граѓани.
БУЏЕТОТ Е ПРАВЕН ЗА ГРАЃАНИТЕ, ВО ЦЕЛОСНО ТРАНСПАРЕНТНА ПОСТАПКА - Станува збор за буџет кој е правен за потребите на Град Скопје и неговите жители, буџет кој треба да им излезе во пресрет. Овој буџет е правен во долга, транспарентна постапка, во чие правење се вклучија сите политички партии застапени во Советот на Град Скопје, како и сите 10 општини преку давање на предлози за проекти кои тие сметаат дека е неопходно да се реализираат. И граѓаните се вклучија во процесот на креирање на буџетот на Град Скопје, преку нивните најнепосредни претставници, претставниците од урбаните и месните заедници кои се вклучени во процесот на работа на Град Скопје и неговите јавни претпријатија и кои преку редовните контакти и средби ги наведуваат најприоритетните проекти кои треба да се реализираат во нивните населени места.
ВО ПРЕДЛОГ-БУЏЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ПРЕДВИДЕНИ СЕ ПРОЕКТИ КОИ ЌЕ СЕ РЕАЛИЗИРААТ ВО СИТЕ 10 ОПШТИНИ НА СКОПЈЕ.
Во ОПШТИНА САРАЈ во 2016 година ќе се реконструира главната улица Сарај, сообраќајници во Глумово;
Во ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ во 2016 година ќе се реализира втората фаза од проектот за реконструкција и проширување на булевар Партизански одреди до кружниот тек кај црквата “Свети Петар и Павле”; Проектот за продолжување и пробивање на тесните грла на улицата Борис Сарафов, како и проектот за реконструкција и одржување на дел од ул. Ѓорче Петров;
Во ОПШТИНА КАРПОШ во 2016 година ќе започне изградбата на новиот кружен тек на булевар 8 Септември, кај Хубо Маркет, а ќе започне и изградбата на фекална канализација на улица Московска, долж булеварот Партизански одреди.
Во ОПШТИНА ЦЕНТАР во 2016 година ќе биде реконструиран и проширен дел од улица Тодор Александров (поранешна Салвадор Аљенде), а ќе биде извршена и реконструкција на ул. Кеј Димитар Влахов како дел од плоштад „Пресвета Богородица“.
Во ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА во 2016 година ќе започне реализацијата на третата фаза од проектот за проширување и реконструкција на бул. Борис Трајковски, на потегот од фабриката „Стакларница“ кон населбата Драчево; Ќе започне продолжувањете на булевар Србија до улица Христо Татарчев, каде ќе се изгради голема кружна крстосница; а ќе бидат реконструирани улиците Павел Шатев, Есенинова и Народни Херои.
Во ОПШТИНА АЕРОДРОМ во 2016 година ќе се заврши втората фаза од проектот за проширување и реконструкција на бул. 3 Македонска бригада, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев; a ќе започне и фазното реализирање на проектот за проширување на бул. АСНОМ (во делот до новата спортска сала Јане Сандански, како и кон куќите во Лисиче).
Во ОПШТИНА ГАЗИ БАБА во 2016 година ќе завршат проектите - прва фаза од проектот за реконструкција и проширување на улицата Маџари и изградба на нов кружен тек помеѓу улиците „16. Македонска бригада” и „Коце Металец“ на влезот во населбата Железара, а ќе започне и проектот за проширување на бул.Александар Македонски од Агросервис до клучка Дијамант.
Во ОПШТИНА ЧАИР во 2016 година ќе започне проектот за реконструкција и проширување на бул. Христијан Тодоровски Карпош во делот на Чаир, проектот за изградба на 4-та лента на булеварот “Никола Карев” (Пластичарска), како и изградбата на нова атмосферска канализација на ул. “Џон Кенеди” и “Ќемал Ататурк”.
Во ОПШТИНА БУТЕЛ во 2016 година ќе започне проектот за пробивање на бул. Христијан Тодоровски Карпош и поврзување со заобиколницата, ќе заврши проектот за изградба на атмосферска канализација на улиците Александар Урдаревски и Боца Иванова.
Во ОПШТИНА ШУТО ОРИЗАРИ во 2016 година главен проект е завршувањето на капиталниот проект за водоснабдување на Шуто Оризари, со што ќе се реши проблемот на повеќе од 30.000 жители.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа